„Поради повеќедецениско нерешавање на прашањето за изградба на регионален пат помеѓу населените места во рамките на Општината Македонски Брод и Скопје, граѓанските здруженија од поречкиот регион и повеќе совети на месните заедници во рамките на општината донесовме одлука да го искористиме своето демократско право и да изразиме граѓанска непослушност со тоа што ќе биде организиран протест, со неколкучасовна блокада на регионалниот пат 1106 спрема шумскиот резерват „Јасен” и на патот од селото Нова Брезница до браната Козјак“, соопштуваат од Здруженијата.
„Сакаме да нагласиме дека досега во повеќе наврати поднесовме барања до Владата на Република Северна Македонија, Генералниот секретаријат на Владата и Кабинетот на Премиерот, како и до ЈП за Државни патишта и до Министерството за транспорт, а одржавме и средби со надлежните инситуции во врска со нашето барање за решавање на овој за нас исклучително важен проблем.
Како што е познато од Скопје до Самоков сé уште се стига само низ резерватот Јасен и тоа во три тремини во лето и два во зима. Траса долга 16,5 километри се вози по пат широк само 2,5 метри, и тоа по распоред од по 30 минути за еден правец. Доколку се задоцни за овие термини, тогаш треба да се возат околу 200 км преку Кичево до Скопје. Ова е вистинска голгота и за оние 800 жители кои секојдневно одат на работа во Скопје, но и за сите жители на овој регион. Во овој крај инаку гравитираат 45 села и 6 викенд населби.
Иако со изградба на акумулацијата Козјак беше најавено пробивање две траси покрај езерото, со што би се решил деценискиот проблем и ќе се остварат елементарните човекови права на жителите од Поречието, ова остана само на хартија.
Постоење основна инфраструктура е од иклучителна важност за социјалниот и економскиот развој на општината Македонски Брод, особено за развој на туризмот, за што има навистина сериозни претпоставки.
Во сите наши дописи и средби укажавме дека непостоењето регионален пат резултираше со масовно иселување на жителите во околните градови, повеќето во Скопје, Тетово и Гостивар, а најмногу во странство што предизвика целосно замирање на стопанскиот и социјалниот живот во овој регион. Од овие причини Општината Македонски Брод е една од најзапоставените и најнеразвиените општини во Република Северна Македонија, што исто така резултираше со големо осиромашување на населението.
Ние жителите од Поречието се чуствуваме како граѓани од втор ред во државата и излегува дека ниту Владата, ниту институциите не водат сметка за интересите на граѓаните, што е всушност и нивна обврска и затоа се чуствуваме навредени од крајно игнорантскиот однос на институциите кон нас со години наназад.
Токму затоa, очекуваме нашето барање да биде најитно разгледано и прифатено на начин што изградбата на овој регионален пат ќе влезе во програмата на ЈП за Државни патишта уште во оваа година и во најкраток можен рок ќе започне изградбата на патот. Во спротивно ќе ја информираме јавноста за точниот термин на протестот, кој ќе биде уредно пријавен, а исто така најавуваме дека ќе продолжиме со перманентно организирање протести.
Истовремено, доколку се игнорира нашето барање за решавање на елементарната потреба на населението од овој регион, жителите во рамките на општината Македонски Брод ќе ги бојкотираат претстојните локални избори закажани за октомври оваа година, со што ќе го изразат огромниот револт спрема Владата и инситуциите кои мораат, а немаат слух за реалните потреби на граѓаните во насока на подобрување на условите на живот и работа“, се додава во нивното соопштение.