Граѓани бараат правда за Феликс: Над 9000 потписи за казна за насилниците

од Илинка Илиоска
30 прегледи

Повеќе од 9000 граѓани досега ја поддржаа онлајн петицијата „Казна за убиецот на Феликс!“, барајќи институциите да реагираат по смртта на бездомното куче Феликс, кое во ноември минатата година беше претепано во една фирма во скопската населба Момин Поток.

„Феликс ја изгуби својата битка, но ние можеме да ја добиеме војната против пасивноста на институциите“, стои во петицијата објавена пред два дена.

Петицијата повикува Министерството за внатрешни работи да поднесе кривична пријава со сите релевантни докази против лицето Љ.К. од Скопје и сите сведоци кои не презеле мерки. Исто така, се бара Јавното обвинителство да отвори предмет согласно член 233 од Кривичниот законик.

„Основниот суд треба сериозно да пристапи кон случајот и конечно да изрече затворски казни, како што предвидува законот“, се наведува во барањата.

Иницијативата дополнително бара Собранието да организира јавна расправа за доследната примена на законите за заштита на животните, со акцент на спречување измачувања, напуштања и труења на животните. Според петицијата, потребно е да се обезбедат јасни податоци и преглед на одговорноста на институциите.

„Феликс не е единствената жртва“, се истакнува, наведувајќи примери за сурови случаи низ различни делови од земјата. „Бараме од институциите да преземат одговорност и да ги спроведуваат законите што се веќе донесени“, се додава во петицијата.

Во меѓувреме, полицијата поднесе кривична пријава против тројца осомничени според член 233 од Кривичниот законик, за што е предвидена парична или затворска казна до шест месеци.

Петицијата можете да ја погледнете на следниот ЛИНК.

Слични содржини