Граѓаните и компаниите бараат Министерство за правда да иницира измени на контроверзниот неуставен член 368 став 3 од Законот за облигациони односи

од Vladimir Zorba
405 прегледи

Ново барање за измени и дополнувања на Законот за облигациони односи. По иницијативата која пред повеќе од две недели беше поднесена до Уставниот суд во Скопје, деновиве е доставено ново барање до Министерството за правда. Во барањето упатено до Министерството за правда на 11 овој месец се бара „укинување на членот 368 став 3, поради негово косење со Уставот“ и се наведува дека „во членот 8 од Уставот се предвидуваат темелни вредности меѓу кои и правна заштита и владеење на правото“.

Во дописот до Министерството за правда понатаму се вели: „Членот 30 од Уставот предвидува: Се гарантира правото на сопственост. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за доброто на поединецот и заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон“.

„Наспроти ова наведениот член од Законот за облигациони односи член 368 став 3, навлегува во сопственоста затоа што сопственоста која е потврдена со извршна судска одлука, овој член ја одзема“, се вели во дописот до Министерството за правда.

Ова е последна во низата реакции на физички и правни лица за Законот за облигациони односи, и тоа за членот 368 став 3, со кој се предвидува застарување на долговите или побарувањата постари од 10 години и истите се отпишуваат. Со ваквото законско решение не само што се прави штета на должниците, туку се доведува во ризик и функционирањето на компаниите, особено ова важи за малите и средните фирми. За штетноста на ова законско решение реагираше и Стопанската комора на Северна Македонија, која подвлече:

„Измените на Законот за облигациони односи и Законот за извршна постапка кои беа донесени минатата година се исклучително штетни за компаниите и за граѓаните. Законските измени со кои се предвидува бришење на долговите постари од 10 години, креираат правна несигурност и директно влијаат негативно врз целокупната бизнис клима. Имено, едно од основните начела на бизнисот е гаранцијата за наплатување на побарувањата кои произлегуваат од деловните активности. Дополнително на тоа, ваквата правна рамка која создава финансиска несигурност и ги штити должниците наместо доверителите, не се практикува во ниеден друг правен систем, во било која земја во светот“.

Допис со назнака за селективност на законските решенија е испратен до Државната комисија за спречување на корупцијата, Државниот завод за ревизија, а писмо е испратено и до кабинетот на вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска и до Министерството за правда. Инаку до Уставниот суд, кој претходно ја отфрли иницијативата за преиспитување на уставноста на измените на Законот за облигациони односи, поднесена е нова иницијатива од физичкото лице Предраг Баришиќ.

Адвокатите, судиите и другите правни експерти реагираат дека измените на законите за облигациони односи и извршување се неприменливи во пракса. Правните експерти веќе неколкупати реагира дека овие законски измени ќе донесат правен хаос, правна несигурност и големи штети во правосудството, но и во целокупната економија. Адвокатите кои се упатени во оваа проблематика, истакнаа дека измените и дополнувањата на Законот за облигациони односи и на Законот за извршување ќе се одразат негативно не само на работењето на компаниите во земјава, туку и на државни органи и институции, а ќе бидат оштетени и многу граѓани кои имаат одредени побарувања, односно се јавуваат како доверители.

Слични содржини