Одлуката за ограничување на маржите на повеќе од 1.000 прехранбени и непрехранбени производи и ограничувањето на маржите на 5 отсто на основните прехранбени производи е задоцнета, сметаат експертите. Но, реакциите околу тоа дали ќе има ефект на намалување на цените на храната се поделени. Од Сојузот на синдикати на Македонија очекуваат дека овој пат ќе има намалување на цените, но колкаво ќе биде тоа ќе се види откако ќе излезе мартовската синдикална кошница. Економските аналитичари, сметаат дека ограничување на маржите во пазарна економија е погрешно и оти треба да се носат мерки кои ќе го поттикнат домашното производство на храна. Со сличен став се и трговците кои изразија незадоволство од донесените мерки, кои според нив негативно ќе се одразат врз нивното работење. Поради тоа, не ја исклучуваат можноста од повторно зголемување на цените откако ќе се тргне мерката. Граѓаните, пак се надеваат дека ќе има ли поголемо поевтинување на храната од 2 до 3 денари.
-Мерката секако е задоцнета, но сметаме дека ќе придонесе за намалување на цените на храната. Крајно време е после неколку неуспешни мерки со оваа да се оствари најавениот ефект. За таа цел очекуваме поригорозни контроли од страна на Државниот пазарен инспекторат и затварање на трговски дуќани кои не ги почитуваат мерките, изјави за „Локално“, Иван Пешевски, потпретседател на ССМ.

Иван Пешевски
Од Синдикатот велат дека и во февруари минималната синдикална кошница ќе биде со зголемени цени, затоа што месецот речиси е поминат, а мерката се уште не е стапена на сила.
-Од следниот месец се очекува намалување на трошоците за храна и пијалоци за 2 до 3 илјади денари. Ако се спроведува мерката како што треба, односно ако се намалат маржите мора да има ефект. Се очекува поголемо намалување на цените за разлика од претходните мерки, додава Пешевски.
Економските експерти сметаат дека не треба да се носат вакви мерки, туку треба да се изнајдат други механизми кои ќе го поттикнат домашното производство.
-Владата треба да се фокусира кон долгорочни мерки и креирање на политики за функционирање на пазарната економија. Сметам дека треба да има законска мерка со која 50 отсто од производите ќе бидат произведени во Македонија, а 20 отсто од мали земјоделски домаќинства. Така и ќе се стимулира домашното производство, но и развојот на македонските компании и домаќинства. Во пазарна економија ограничување на маржата е погрешно, смета Синиша Пекевски.

Синиша Пекевски
Според него, на овој начин државата полесно ќе ги контролира цените. Од друга страна, ваквата мерката ќе има ефект и врз граѓаните и врз економијата. Граѓаните ќе јадат здрави и квалитетни производи, домашните производствени компании ќе работат со добивка и сето тоа ќе има ефект врз целата економија.
Од СДСМ излегоа со став дека мерките за ограничување на маржите е задоцнета и истата се носи откако цените повторно се зголемија. Оттаму предлагаат намалување на ДДВ на струја од 18 на 5 проценти, намалување на ДДВ на основните прехранбени производи, замрзнување на цените на основните прехранбени производи во следните три месеци, фиксирање на маржите на основните прехранбени производи, итно имплементирање на Законот за нефер трговски практики, намалување на цената на зелениот картон за автомобили и зголемување на платите во приватниот сектор со замрзнување на придонеси.
Б.С.