Грчкиот МНР: Ниту една од двете страни не може еднострано да го ревидира Преспанскиот договор

од Nikola Popovski
242 прегледи

„Грчката страна бара почитување на Договорот од Преспа од страна на Република Северна Македонија“. Ова го изјавил министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Герапетритис во разговор за грчката „ЕРТ“.

Тој ги окарактеризирал обвинувањата на грчката опозиција како „лажни и неконзистентни со оглед на сложената ситуација“.

„Добро знаете дека од моментот кога ќе се ратификува меѓународен договор во парламентите, тој добива сила на закон и стапува на сила. Ниту една од двете страни не може еднострано да го ревидира овој договор – сите мора да се придржуваат до него. Посебно сакам да укажам на различниот институционален третман во двете земји“, рекол Герапетритис.

За тоа што Грција се уште нема ратификувано ниту еден од договорените меморандуми, Герапетритис го повторил грчкиот став дека тие ќе бидат ратификувани кога ќе биде вистинскиот момент.

„Ќе ги донесеме во парламентот кога ќе дојде клучниот политички момент, кога грчката страна е убедена дека има целосна усогласеност од страна на Северна Македонија. Сите знаеме дека има точки кои соседната земја не ги почитува“, објаснил тој.

„Името Република Северна Македонија стои во Договорот од Преспа и според него, со член 20, прашањето за него не може да се менува под никакви околности. Поправки не може да има бидејќи е договорен од двете страни и ратификуван. Сегашниот грчки политички поредок и политичкиот поредок на Северна Македонија се целосно обврзани да го почитуваат“, истакнал шефот на грчката дипломатија.

Тамошниот министерот додал не мисли само на промената на името на Северна Македонија, туку и на „други проблеми“.

„Не се работи само за притисокот што го врши Грција, туку за притисокот што го врши и Северна Македонија. Но, најважно, според мене, е што грчката страна реагираше исклучително брзо. МНР веднаш ја извести меѓународната заедница. Веднаш имаше реакција од претседателот на ЕК, претседателот на Европскиот совет како и од Европската Унија. Во исто време, постои и меѓународна позиција: со други зборови, многу земји реагираа во оваа насока. Можеме да кажеме дека има усогласена реакција“, додал Герапетритис.

Слични содржини