Изјавата на Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, предизвика бран на коментари во грчките медиуми, која ја оценува како „последна провокација од страна на Северна Македонија“. Грчките новинари известуваат дека Мицкоски, кој се очекува да биде иден премиер, продолжува по стапките на претседателката Сиљановска. Оваа тема е широко распространета во онлајн изданијата на грчките медиуми.
Некои од насловите кои се појавија во грчките медиуми вклучуваат: „Северна Македонија: ВМРО-ДПМНЕ со провокативен став – Мицкоски инсистира на своето право да ја нарекува земјата по своја волја, со закана за Хаг“; „Мицкоски го следи примерот на Сиљановска: Инсистира на името Македонија, со предлог за Хаг“; „Христијан Мицкоски се залага за правото да ја нарекува својата држава Македонија – изјави кои предизвикаа реакции“; „Северна Македонија: Мицкоски тврди дека ќе ја нарекува земјата по свое убедување“; „Северна Македонија: Мицкоски со нова провокација – ‘Ќе го користам името Македонија како што сакам’“. Овие изјави ги пренесе и грчката новинска агенција АНА-МПА.
Во текстот под наслов „Северна Македонија: И лидерот на ВМРО инсистира на терминот „Македонија“; АНА-МПА ја пренесува изјавата на Мицкоски и ставот дека „ако Грција смета дека го прекршуваме Договорот од Преспа нека се обрати до Меѓународниот суд“.
-Исто така рече дека во комуникацијата во институциите и меѓу институциите на неговата земја ќе се користи уставното име, но во изјавите пред новинарите или во говорите негово индивидуално право е да ги користи термините „Македонија и македонско“ и поттикнува истото да го стори и претседателката на државата, пишува грчката новинска агенција, која паралелно го цитира Мицкоски во делот во кој вели дека и тие исто како и Нова демократија не го сакаат Договорот.
– По провокативниот став на претседателката на Северна Македонија и претседателот на радикално десничарската ВМРО, Христијан Мицкоски, кој како што се чини ќе биде нов премиер на државата, ја задржа истата линија, прекршувајќи го Договорот од Преспа, коментира информативниот портал „Ин“.
Во продолжение, повикувајќи се на изјавата на Мицкоски објавена на МИА, пишува дека го пренесува ставот на лидерот на ВМРО дека „ако Грција смета дека го прекршуваме Договорот од Преспа, постои Меѓународниот суд“.
Онлајн изданието на весникот „То Вима“ коментира дека „Мицкоски не гледа никакво прекршување на Договорот од Преспа“ и исто така детално ги пренесува изјавите на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер.
Паралелно, медиумите во Грција го цитираат и ставот на Мицкоски дека очекува да се види со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.