Изјавата на претседателката Гордана Сиљановска Давкова дека не верува дека го крши Уставот со некористење на уставното име и дека тоа нема да предизвика проблеми, денеска е главна тема во грчките медиуми, кои ја пренесуваат и онлајн и во телевизиските вести.
Грчката новинска агенција АНА-МПА, во текст под наслов „Г. Сиљановска: Некористење на името Северна Македонија не претставува кршење на Уставот“, детално ја пренесува изјавата на претседателката дадена за време на заедничката прес-конференција со претседателите на Црна Гора и Албанија, Јаков Милатовиќ и Бајрам Бегај. Сиљановска истакна дека нејзините официјални документи се со уставното име и додаде дека како личност има право на слободно изразување, според принципите на Сократ, без да го прекршува Уставот или меѓународното право.
Паралелно, АНА-МПА ја пренесува и изјавата за учеството на шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Грчките медиуми масовно го презедоа текстот од агенцијата, објавувајќи го со различни наслови, како „Северна Македонија: Повторно провоцира Сиљановска – Не е прекршување терминот Македонија“, „Северна Македонија: Сиљановска инсистира – Нема да предизвика проблеми неупотребата на уставното име“, „Сиљановска повторно провоцира: Моето некористење на уставното име на С. Македонија не е кршење на Уставот“.
Весникот „Та неа“ посветува внимание на учеството на Јоргос Герапетритис на Самитот и во текст под наслов „Прво ракување во Скопје без провокации“ пишува дека претседателката Сиљановска за првпат се ракуваше со член на грчката влада, додека Герапетритис седеше веднаш до неа.