Грчкиот железнички оператор „Hellenic Train“ и француската индустриска компанија „Alstom“ потпишаа договор за снабдување со 23 нови возови, објави онлајн изданието на весникот „Катимерини“.
Весникот забележува дека договорот претставува голема инвестиција во грчката железничка мрежа, а испораките се очекуваат до 2027 година.
Вицепремиерот Костис Хаџидакис рече дека договорот претставува прва нарачка за нови возови во последните две децении и посочи дека трошоците ќе бидат целосно покриени од италијанската државна железничка компанија (Феровие дело Стато), која е сопственик на железничкиот оператор на Грција.
Спогодбата има за цел да поддржи нов почеток за железничкиот сектор по години проблеми, рече Хаџидакис, додавајќи дека владата промовира проекти на оската Атина-Солун, заедно со подобрени безбедносни системи.