Денеска во Атина, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се сретна со грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас. Средбата Коѕиас-Ахмети почна во 12 часот по локално време во грчкото МНР, кое, пак, средбата ја најави преку соопштение само еден час пред нејзиниот почеток.
Грчкото МНР на својот официјален твитер-профил сподели фотографија и текст: „Министерот за надворешни работи Коѕиас на средба со делегација на албанската партија од ФИРОМ, ДУИ, претседателот Ахмети и господата Џафери и Бесими“.
FM @NikosKotzias w/ #FYROM Albanian Party DUI’s delegation: President #Ahmeti w/ Messrs #Xhaferi & @Fatmir_Besimi pic.twitter.com/vRO4o5rRXt
— Υπουργείο Εξωτερικών (@GreeceMFA) January 8, 2016
На средбата не присуствува македонскиот амбасадор во Атина, но ни друг претставник од амбасадата.
Причината за отсуството на официјалните македонски дипломати во Атина за средбата е фактот што за посетата на Ахмети, ниту ДУИ ниту, пак, од канцелариите на вицепремиерите Бесими и Џафери воопшто не се обратиле и не го информирале ни македонското Министерство за надворешни работи, ниту, пак, канцеларијата за врски на Македонија во Атина.
Како што соопштија од ДУИ, Ахмети и Коѕиас ќе разменат мислења и идеи за добрососедските односи, отворените прашања меѓу двете земји и за евроатлантските интеграции на Македонија. Ахмети е придружуван од пратеникот Артан Груби, вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Муса Џафери, и од вицепремиерот за евроинтеграции, Фатмир Бесими.
Министерството за надворешни работи, пак, вчера за „Мета“ соопшти дека не дало поддршка на патувањето на функционерите на ДУИ во Атина.
DW: Комесарот Хан во Скопје го чекаат големи главоболки
Во соопштението од ДУИ се вели дека ова не е прва посета на нивниот лидер и на владини функционери на Атина ниту, пак, е прва средба на Ахмети со министер за надворешни работи на Грција.
„На средбата ќе се дискутира единствено за спорот за името и за конкретните идеи. Наредниот период, додека Македонија има преодна влада, е најдобар за да се направи поместување во спорот за името“, стои во соопштението од ДУИ.
Грчки извори за „Мета“ коментираа дека посетата на Ахмети е на негова иницијатива во рамки на неговите напори да се одржат контактите со меѓународната јавност.