Шведската климатска активистка Грета Тунберг, по враќањето во Стокхолм, изјави дека не била свесна за политичките ставови на некои од учесниците во „Флотилата на слободата“, мисијата со која се обидоа да ја пробијат израелската блокада на Појасот Газа. Тунберг слета во Шведска во вторникот вечерта откако Израел ја депортираше поради учеството во обидот за пробив на блокадата со бродот „Мадлин“.
Таа рече дека не знаела дека дел од луѓето на бродот имале врски или симпатии кон Хамас и Хезболах. „Не знаев и не сум слушнала за тоа“, рече 22-годишната активистка, додавајќи дека не можела да се информира додека патувала затоа што немала мобилен телефон. На прашањето дали не можела претходно да провери со кого патува, одговори дека тоа би било многу долго и тешко.
Според израелските и британските извори, мисијата ја предводел Захер Бирави, кого Израел го обвинува дека е поврзан со Хамас, додека еден од другите учесници, бразилскиот активист Тијаго Авила, минатата година јавно го искажал восхитот кон лидерот на Хезболах, Хасан Насралах. По обидот за пробив на блокадата, Тунберг и тројца други активисти беа депортирани, додека осум членови на мисијата останаа во притвор. На сите учесници им е забранет влез во Израел следните 100 години.
И покрај сето ова, Грета најави дека ќе продолжи да патува во регионот, обвинувајќи ја израелската влада за „систематски геноцид“ и условување на жителите на Газа со глад. На прашањето дали се плашела од нападот на бродот од израелските сили, таа одговори дека најмногу ја плаши тишината и неделувањето додека, како што рече, геноцидот продолжува.