Британската полиција денеска ја обвини шведската климатски активист Грета Тунберг за нарушување на јавниот ред и мир.
Полицијата ги уапси Грета и други активисти за учество на протест пред хотел во Лондон, каде се одржа конференција на лидерите на индустријата за нафта и гас.
Тунберг беше обвинета за нарушување на јавниот ред и мир, бидејќи за време на протестот не беа почитувани условите за спречување на „сериозни нарушувања“ во функционирањето на заедницата, хотелот и неговите гости.
Тунберг беше ослободена со кауција и треба да се појави на суд на 15 ноември, објави „Ројтерс“, истакнувајќи дека 25 други лица исто така се обвинети во врска со протестот во вторникот. Тунберг стана заштитно лице на младите активисти за климата ширум светот откако организираше неделни протести пред шведскиот парламент во 2018 година.
Таа годинава беше приведена или отстранета од протестите во Шведска, Норвешка и Германија од страна на полицијата.
Видео снимката од вторникот покажува дека Тунберг била сместена во задниот дел на полициското комбе по учеството на протестот пред хотелот „Интерконтинентал“ во центарот на Лондон, каде што се одржуваше форум на лидери на нафтената и гасната индустрија.