Се согласувам дека дезинформациите се сериозен проблем и дека во еден момент стануваат и безбедносен проблем. Во новите геополитички случувања, агресијата на Русија кон Украина и она што се случува врзано за тоа во Европа, само го зголеми уште повеќе алертот, да се има сериозен пристап кон тоа како да се одбраниме од дезинформации, вели во интервју за ИМА заменик – претседателот на Владата на Северна Македонија задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска..
-Тука прво свесноста е многу важна на граѓаните, дека треба да ја проверат информацијата. Затоа, на тоа што сме сведоци – е дека многу прелесно ги прифаќаме информациите кои што ќе ги прочитаме на социјалните медиуми, без при тоа да провериме дали е вистина, дали навистина се случувало и така натаму, особено што е сега многу полесно во интернет светот, многу брзо да пронајдете и да ја проверите веродостојноста на одредена информација, истакнува таа.
Крајната цел во оваа фаза на дигитална трансформација на општеството, којa што значително ќе влијае и на намалување на дезинформациите, според Грковска, е комплетна отвореност на институциите.
-Затоа што институциите треба да сфатат дека податоците и документите коишто ги продуцираат и што ги имаат им припаѓаат на граѓаните а не на институциите, и тие треба да бидат јавни, да бидат објавувани во формат којшто може да биде корисен за граѓаните. Меѓутоа, се разбира, не оние кои што се класифицирани информации и, на начин на којшто ќе се заштитат личните податоци на граѓаните. Се разбира дека е тоа процес, порача вицепремиерката.