Во рамки на кампањата „Зависи од мене и тебе“, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска одржа средба со студенти во Американскиот универзитет на Европа – ФОН.
Заблагодарувајќи се за покажаниот интерес на студентите и наставниот кадар од овој универзитет да се вклучи во активностите насочени кон зголемување на свеста за важноста на етиката, интегритетот и одговорноста, вицепремиерката Грковска истакна дека тоа се клучни принципи за градење подобро општество за сите.
„Реформите, зајакнувањето на системот, подобрувањето на условите за развој, се суштински за унапредување на општеството во целост. Но, сметам дека во огромна мера се важни и стандардите на однесување, начинот на работење и имањето морална вертикала во вршењето на која било професија или функција.”, истакна вицепремиерката Грковска и посочи дека во контекст на дневната политика и многубројните кризи, не е лесно да се стави фокус на основните вредности, иако тие го дефинираат начинот на кој се одвиваат сите општествени процеси.
Во отворената дискусија беше истакната потребата младите да се мотивираат за поголема политичка партиципација на секое ниво и да се зголеми просторот за граѓанска и политичка едукација, имајќи предвид дека недоволно е изградена свеста за значењето на општествената одговорност и демократските институции и вредности.
Во таа насока, се дискутираше и за важноста на унапредувањето на состојбите во образовниот систем, како еден од главните столбови на општеството. На средбата се разговараше и за напорите за јакнење на транспарентноста, како принцип на доброто владеење кој води кон поголема отчетност и одговорност на институциите и носителите на функции.
Во таа насока, вицепремиерката Грковска истакна дека транспарентноста, од една страна, директно влијае за намалување на корупцијата, а истовремено води кон промени во односот на администрацијата, чија основна улога е да биде сервис на граѓаните.
Учесниците во дебатата се согласија дека е важно да постои консензус за сите прашања кои се од висок општествен интерес, но и дека отсуството на етика и демократски вредности во заедницата ги потхранува авторитарните тенденции кај младите луѓе.