Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), Рафаел Гроси, во Киев посочи дека е неопходно да се најде брзо решение за демилитаризација на нуклеарната централа Запорожје, со цел да се отстрани небезбедната ситуација поради постојаното гранатирање, како и дека притворањето на заменик директорот на нуклеарната централа е неприфатливо.
„Мораме да продолжиме да работиме на заштита на нуклеарната централа. Како што му кажав на Путин, таа сè уште е исклучително кревка, крајно небезбедна“, рече Гроси на прес-конференција по разговорите со украинските власти.
Тој посочи дека му рекол на рускиот претседател Владимир Путин дека приведувањето на заменик директорот на најголемата нуклеарна централа во Европа, Валери Мартињук, е неприфатливо и оти интервенирал за да се реши случајот, како и во случајот со претходното притворање на директорот на централата.