Гроси: Украинската нуклеарна централа Запорожје „целосно надвор од контрола“

од Stefanija Kuzmanovska
141 прегледи

Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија на ОН, Рафаел Гроси, предупреди дека најголемата европска нуклеарна централа во Украина е „целосно надвор од контрола“ и испрати итно барање до Русија и Украина да дозволат експертите да го посетат комплексот што поскоро со цел да се стабилизира ситуацијата и како би се избегнала потенцијална нуклеарна катастрофа, пренесува АП.

Во интервју за „Асошиејтед Прес“ во вторникот, Гроси рече дека ситуацијата секој ден станува се поопасна во електраната во Запорожје, во градот Енерходар на југоистокот на земјата, која беше заземена од руските војници на почетокот на март оваа година.

„Во електраната беше прекршен секој принцип за управување со нуклеарната безбедност“, рече тој. „Ова што се случува е крајно сериозно и опасно“.

Гроси наведе многу безбедносни прекршувања во централата, додавајќи дека таа се наоѓа „на место каде што е активна војна“, во близина на територијата контролирана од руските сили.

Физичкиот интегритет на фабриката не беше почитуван, рече тој, наведувајќи го гранатирањето на почетокот на војната кога Русите ја окупираа, како и информациите што доаѓаат од Украина и Русија кои меѓусебно се обвинуваат за напади на Запорожје.

„Сега имаме парадоксална ситуација на теренот во која електраната е под воена контрола на Русија, но нејзиниот украински персонал продолжува да ги спроведува своите нуклеарни операции, што доведува до неизбежни моменти на наводно насилство“, рече тој.

Иако постојат одредени контакти со персоналот, тие се „недоволни и неизедначени“.

Слични содржини