Грозданова: Сите вакцини се безбедни, а здравствениот систем е подготвен за процесот на вакцинација

Во изминативе месеци како и светот, и С.Македонија се подготвува за дистрибуција и отпочнување на процесот на вакцинација, а со почетокот на пополнување на апликациите, ќе се подготви и системот, посочи во вечерашното гостување во дневникот на Сител, претседателката на Комитетот за имунизација, Александра Грозданова.

Во таа насока, Грозданова вели дека здравствениот систем е подготвен и за делот на складирање, поради очекувањето на фазјеровите вакцини уште од декември минатата година.

„Обезбедени се неколку фрижидери на минус 70, од кои едниот е веќе во Клиничкиот центар, другите се стационирани во здравствените домови низ државата и воспоставени се комплетни стандардни процедури во однос на нивното складирање, диструбуција и апликација“, посочи Грозданова.

Инаку, Грозданова информираше и дека медицинските лица од вакциналните тимови, поминале две виртуелни обуки и две обуки во живо, со цел процесот на вакцинација да се одвива според сите стандарди кои ваквиот процес ги бара.

„Министерството за здравство, вклучително и националната работна техничка група, е постојано во контакт со сите можни механизми преку кои се обидуваме да ги набавиме вакцините. За очекување е вака деликатен производ како што се вакцините, меѓу кои и фајзеровата вакцина, да побарува едни специјални услови на чување, складирање и дистрибуција и самиот производител да биде на едно виско ниво на мониторинг на целата ситуација. Но, истото тоа го побарува и една држава која ќе ја прими таа вакцина“, посочи Грозданова.

Во однос пак, на подготвеноста на медицинските лица да одговорат доколку се појават несакани реакции од вакцините, проф. д-р Грозданова вели дека, таква процедура е задолжителна за секој лек, вклучително и за секоја вакцина и тоа, како што вели Грозданова, години наназад Агенцијата за лекови МАЛМЕД, многу темелно и детално го води.

Исто така, таа уште еднаш информираше дека сите вакцини се безбедни. За вакцината на „АстраЗенека“, која треба да пристигне кај нас преку КОВАКС механизмот, рече дека не се доведува во прашање нејзината безбедност, туку вакцината се покажала како помалку ефикасна кај јужноафриканската мутација на САРС-КоВ-2 и кај лица над 65 години, создава 60 отсто заштита, што според професорката, е доволно. Но, како што нагласи, „АстраЗенека“ се покажала како многу ефикасна кај лица со алергии, за разлика од фајзеровата вакцина и на „Модерна“, кои кај мал број лица со алергии предизвикале несакани ефекти.

Слични содржини