Образецот PLF, кој претходно беше неопходен, од денеска повеќе не е потребен за влез на туристи во Грција, соопшти грчката влада.
Досега влезот во Грција беше можен само со задолжителна пријава, односно пополнување на PLF формуларот (Passenger Locator Form).
Формуларот требаше да се пополни онлајн најмалку 24 часа пред влез во земјата и да содржи информации како што се земјата од која доаѓаат туристите и адресата на нивниот престој за време на одморот, како и времетраењето на претходните престојувања во други земји.
Во моментов на веб-страницата на МНР од правилата за влез во оваа земја моментално стои следново:
* Потврда за вакцинација, која важи најмалку 14 дена од денот на вакцинацијата против коронавирус и не повеќе од девет месеци по завршувањето на основната вакцинација (втора доза), односно без временско ограничување за патниците кои примиле бустер доза. Европскиот дигитален сертификат ги содржи следните елементи: име и презиме на лицето (како што е наведено во патната исправа), тип на примена вакцина, број на примени дози и датум на вакцинација или
* Сертификат за прележана болест, што се потврдува со лабораториски RT-PCR тест или брз антигенски тест (Rapid test). Европскиот дигитален сертификат за болеста се издава 14 дена по првиот позитивен тест и важи 180 дена, или
* Негативен RT-PCR тест, не постар од 72 часа пред влез во Грција, или негативен антиген (брз) тест, не постар од 24 часа пред влез во Грција, за присуство на коронавирус.