Грција воведува нови мерки за угостители

од Vladimir Zorba
271 прегледи

Сопствениците на грчките кафулиња и ноќни клубови се загрижени дека новите ограничувачки мерки, кои овозможуваат опслужување само на гости кои седат, ќе ја загрозат туристичката сезона, но во средата тие рекоа дека ќе ги прифатат доколку спречат ширење на Ковид-19.

Грчките власти оваа недела вратија ограничувачки мерки за ресторани, ноќни клубови и кафулиња. Правилата важат од четврток и тие забрануваат сервирање гости на стоење.

– Тоа е чекор назад што сигурно ќе влијае на туризмот, но се чини дека е потребно за да не се изгуби остатокот од летото. Ќе бидеме трпеливи – рече 27-годишниот Илиас Бабачикос, управител на кафуле на плажа во атинското крајбрежно предградие Алимос.

Грчките здравствени власти се загрижени за неодамнешниот пораст на бројот на новоинфицирани со коронавирус и појавата на позаразниот, делта-вид на Ковид-19

Во вторникот имало 1.797 новоинфицирани, двојно повеќе од претходниот.

Бабачикос рече дека ќе биде тешко да се контролираат луѓето, но изрази надеж дека гостите ќе ги почитуваат мерките, пренесува Ројтерс.

Властите во вторникот објавија дека голем дел од новите случаи вклучуваат млади луѓе и посети на места за забава.

Властите предупредија дека локалите што ги прекршуваат новите правила ќе бидат строго казнети, а оние што постојано ќе игнорираат, ќе ги загубат работните дозволи.

– Мислам дека ова е погрешна одлука затоа што во кафулињата наменети за гости, многу е тешко да се каже некому дека мора да седне – смета Мариос Марку, 37-годишен управител на кафуле во центарот на Атина .

„Ова ќе направи голема штета“, заклучи тој.

Скоро 38 проценти од грчкото население се вакцинирани, а владата го мотивира населението да се вакцинира преку низа иницијативи, вклучително и готовина и бесплатни мобилни податоци за млади. Целта е да се вакцинираат 70 проценти од населението до есен.

– Тоа е несакан развој на настаните, но ние разбираме зошто се случува. Клучно е сите да бидат вакцинирани – рече 48-годишниот Космас Теодоридис, гостин на кафуле во грчката престолнина.