Не сум никаков таен организатор или конструктор на политичките активности и препукувања на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, ниту на другите актуелни јавни политички битки на луѓе кои во минатото биле коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ, десно ориентирани медиуми, поедини новинари, поранешни политичари, функционери или активисти, вака денеска напиша поранешниот премиер Никола Груевски на својот Фејсбук профил.
Тој во долг статус се произнесе за, како што вели, „шпекулации, и разни лаги и невистини“. Груевски објаснува дека повеќе од 5 години веќе нема директен или индиректен контакт или комуникација со градоначалничката Данела Арсовска.
-Лажна е и шпекулацијата дека на некаков начин јас сум лобирал во партијата за Данела Арсовска да биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, како и за почесен конзул на Унгарија во Штип или пак претседател на стопанската комора во времето кога бев премиер, појаснува Груевски.
Тој ги демантира и шпекулациите дека „целосно или делумно раководам со партијата од дистанца од Будимпешта, дека Христијан Мицковски и други членови на раководството се среќаваат со мене кога доаѓаат во Будимпешта и дека јас давам некакви инструкции или на било каков начин учествувам во носењето одлуки на ВМРО-ДПМНЕ“.
-Трето, потврдувам дека ниту еднаш од десетината доаѓања во Будимпешта не сум имал средба со Христијан Мицковски или некој кој е во негова придружба, ниту пак со некој од актуелното раководство на партијата (ИК и ЦК), од причина што таква средба не побарале. Зошто не побарале средба, тие најдобро знаат, но оние членови на партијата кои не се дел од сегашното раководство, кои добро ги познавам и кои побарале средба со мене, сме се сретнале на разговор кој најчесто е од пријателска природа со луѓе со кои во минатото сме соработувале, стои меѓу другото во долгата Фејсбук-објава на Груевски, кој моментално живее во Будимпешта како азилант.