Не е тајна дека Бугарија преку обидите за промена на историјата и потеклото на македонскиот јазик и нација, и во минатото, и сега и во иднина ќе настојува од Македонија да создаде втора Бугарска држава на Балканот, вака поранешниот премиер и азилант Никола Груевски ги коментира последните политички случувања во земјата.
Според него, „бугарското малцинство во Македонија во минатото не беше посакувано од Бугарија како уставна категорија, но сега се сменети плановите, бидејќи очигледно се цени дека уставната присутност би помогнала во полесна и побрза промена кон посакуваното, посебно ако се има контрола над учебниците по историја во училиштата и на универзитетите, книгите на македонските научни работници-историчари кои во иднина ќе се пишуваат, документарните и играни филмови и серии кои би се снимале, како и секојдневното пишување на македонските медиуми контролирано преку формата наречена “говор на омрза” за она што нема да се чуствува дека е во служба на зацртаната кауза, и сето ова заедно ставено и формално под контрола преку процесот на зачленување на Македонија во ЕУ“.
-Точно е дека ниту една земја до сега не го загубила својот идентитет во процесот на зачленувањето во ЕУ, но точно е и дека досега на ниту една земја не и биле поставени вакви услови како што сега и се поставени на Македонија преку прифатените документи овој месец, потенцира Груевски.
Поранешниот премиер во својата долга објава на Фејсбук се осврнува и на францускиот предлог.
-Не можеме да ја обвиниме ЕУ или Франција за нејзиниот предлог, бидејќи токму владата преку нејзини преставници, пред повеќе месеци официјално побара од ЕУ да го превземе решавањето на проблемот, односно спорот меѓу нејзината земја членка – Бугарија и Македонија како земја претендент за членство. И еве ЕУ се согласи, на барање и во преговори и дијалог со македонската власт даде предлог. Секако дека луѓето во власта знаеле дека кога ЕУ решава проблем меѓу земја нејзина членка и земја која не е членка на ЕУ, механизмите во ЕУ се такви што неможе да се очекува земјата членка да биде во понеповолна ситуација со тој предлог, пишува меѓу другото Груевски.