Во предвечерието на 31-от роденден на ВМРО-ДПМНЕ, како нејзин поранешен долгогодишен водач низ мноштво победи и успеси, на сите членови на партијата им го честитам партискиот роденден. ВМРО-ДПМНЕ низ годините, од нејзиното основање беше носител на најголемите општествени и економски промени, реформи и напредоци на Македонија, стои во честитката на поранешниот премиер и азилант, Никола Груевски.
Според него, 181.000 членови колку што броела партијата при неговото заминување од кормилото на истата биле носители на тие промени и напредоци, без чија поддршка тие немаше да се случат.
„Силата на ВМРО-ДПМНЕ е всушност нејзиното членство кое заедно со симпатизерите и поддржувачите на нејзините политики и со помош на коалициските партнери во изминатите 31 година беа носителите на идејата за независност, носители на промените, реформите, успесите и напредокот на Македонија, но и силата која беше на браникот на одбраната на Македонија низ многу тешки моменти. Денес кога Македонија е под режимот на една мафијашка власт која економски ја врати Македонија децении назад, која го контролира правосудството и ја диктира неговата работа во најситни детали од тоа кој да биде прогонуван до тоа кога и на каков начин тоа да се објави и пласира на јавноста преку мноштвото контролирани медиуми, кога националните интереси се на распродажба и кога криминалот и рекетот се главната водилка на власта, од најголем интерес за Македонија е силно и моќно ВМРО-ДПМНЕ. А силата е во секој член на партијата, во секој активист, во секој поддржувач и во секој човек во земјата и дијаспората кој сака многу поуспешна и попросперитетна Македонија“, напиша Груевски на Фејсбук.
Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ вечерва со настан во Античкиот театар во Охрид ќе го одбележи својот 31-ви роденден.
Според информациите, на одбележувањето најавено е обраќање на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Ѓорѓија Сајкоски и лидерот на патијата Христијан Мицкоски.