Главната руска банка „Сбербанк Груп“ денеска објави дека се повлекува од европскиот пазар бидејќи е погодена од огромни финансиски санкции кои беа воведени како одговор на руската инвазија на Украина, пренесоа руските агенции.
„Сбербанк“ одлучи да се повлече од европскиот пазар поради моменталната ситуација“, се вели во соопштението.
Се додава дека филијалите на таа банка „се соочуваат со ненормален одлив на средства и закани по безбедноста на вработените“.
„Сбербанк“ не е во можност да обезбеди ликвидност на своите европски филијали, поради налог на Централната банка на Русија.
Банката беше присутна во осум европски земји – Германија, Австрија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина.
„Европските подружници на Групацијата „Сбербанк“ имаат високо ниво на капитал и средства, а средствата на клиентите се осигурани во согласност со локалните закони“, велат од банката.
Банкарскиот регулатор на Европската унија во вторникот вечерта објави дека ќе биде отворена стечајна постапка за главната филијала на „Сбербанк“ во Европа.
„Sberbank Europe AG“, главната филијала во Европа, со седиште во Австрија, која вработува речиси 4.000 луѓе, ќе биде предмет на „несолвентна постапка“ во таа земја, објави телото на ЕУ.