Гугл блокирал 524 милиони „лоши реклами“ во 2014 година

од Vladimir Zorba
85 прегледи
Гугл објави годишен извештај за лош маркетинг, откривајќи сериозен скок во бројот на „лошите реклами“, кои компанијата ги стопирала во 2014 година.
google
Според податоците на Гугл, минатата година интернет гигантот блокирал повеќе од 524 милиони „лоши реклами“ и „банирал“ 214.000 огласувачи. Во 2013 година, соодветно биле извадени 350 милиони реклами, но пак биле казнети 270.000 бескрупулозни огласувачи.
Значи од една страна, бројот на отстранети лоши реклами скокнал за околу 50 проценти, а од друга бројот на огласувачи со забранет пристап е намален за околу една четвртина.
Во изминатата година Гугл отфрлил 7.000 огласи кои рекламираат шверцувана стока. Во 2013 година оваа бројка била за 50 проценти повеќе а компанијата вели дека „тоа покажува дека продажбата на шверцувани и фалсификувани стоки потешко успева да го заобиколи системот за следење“.
Компанијата ги отгфрла лошите реклами преку специјални алгоритми, по што тие се проверуваат од страна на луѓе за да се види дали навистина ги кршат правилата.
Друга интересна бројка од извештајот е 250.000 – толку сајтови се отстранети од рекламната мрежа на Гугл кои содржеле скриени линкови до малвер. 4.3 милиони се извадени реклами кои ги прекршуваат авторските права, а 9,6 милиони биле отстранети поради погрешно рекламирани производи поврзани со здравјето.