Црногорската влада во неделата ја загуби поддршката од најбројната партија во парламентот, Демократската партија на социјалистите (ДПС) на претседателот на државата Мило Ѓукановиќ, откако усвои договор со Српската православна црква (СПЦ) на седницата во петокот.
ДПС по седницата на Претседателството соопшти дека оваа партија, која има 30 пратеници во парламентот, ќе ја откаже поддршката за владата на премиерот Дритан Абазовиќ.
„Владата повеќе ја нема нашата поддршка бидејќи приоритет за ДПС е, беше и останува европската агенда. Без калкулации ја поддржавме владата, сметајќи дека ЕУ е наша заедничка цел. Сега кога за жал е јасно дека не е така, повторно без калкулации продолжуваме да се бориме за истата цел“, најави членот на Претседателството на ДПС, Јевто Ераковиќ.
Социјалдемократската партија претходно ја повлече поддршката за владата на Абазовиќ, најавувајќи покренување иницијатива за скратување на мандатот на владата и одржување на вонредни парламентарни избори.
Владата на Абазовиќ, и покрај силното противење на петмина министри, го усвои нацрт-договорот со СПЦ. Критичарите велат дека документот е на штета на Црна Гора и дека незаконски ги регистрира црногорските културни и верски добра во Српската православна црква.
Истиот ден го усвои договорот на врвот на СПЦ во Белград и најави дека наскоро ќе биде потпишан.
Малцинската влада на Абазовиќ беше формирана на крајот на април и доби поддршка од 45 од вкупно 81 претставник во парламентот.
Заедно со Обединетата реформска акција на Абазовиќ, таа вклучуваше претставници на малцинските народи Хрвати, Бошњаци и Албанци, како и на просрпската Социјалистичка народна партија и СДП.
ДПС на Ѓукановиќ не влезе во владата, но ја поддржа.