Гундоган тврди: Мали се шансите да ја освоиме Лигата на шампионите

од Vladimir Zorba

Фудбалерот на Барселона, Илкај Гундоган изјави дека каталонскиот тим има мали шанси да ја освои Лигата на шампионите, но додаде дека се е можно доколку неговиот тим го елиминира Наполи во осминафиналето од најквалитетното европско клупско натпреварување, пренесува сајтот Gol.

Барселона утре од 21 часот му гостува на Наполи во првиот осминафинален натпревар од Лигата на шампионите. Реваншот е закажан за 12 март во Барселона. Тренерот на Барса, Чави Ернандез за мечот во Неапол нема да може да смета на повредените Гави, Феран Торес, Маркос Алонсо и Алехандро Балде, додека во тимот се враќаат Жоао Феликс и Серхи Роберто.

„Реален сум. Знам дека на сите ни е тешко и дека не играме според очекувањата. Искрено, другите тимови имаат повеќе можности и искуство во ова натпреварување, но се е можно доколку стигнеме до четвртфиналето на ЛШ. Затоа мораме да оствариме добар резултат во Неапол. Тоа е одлучувачки момент за нас, почнуваме од нула и време е да го подигнеме нивото на нашата игра“, изјави Гундоган за шпанска „Ла Вангардија“.

Чави неодамна објави дека ќе ја напушти Барселона на крајот на сезоната.

„Не очекував дека Чави ќе си замине на крајот на сезоната, бев изненаден од неговата одлука. Имам чувство дека можев да направам повеќе за Чави оваа сезона“, додаде играчот на Барселона.

Гундоган (33) минатата година пристигна во Барселона од Манчестер Сити. За каталонскиот клуб оваа сезона одигра 36 натпревари и постигна пет гола.

Слични содржини