Ѓуровски: Пандемијата покажа дека науките за безбедност и управување со кризи се иднината на светот

од Stefanija Kuzmanovska
502 прегледи

Проректорот на Универзитетот „Св.Климент Охридски“ проф. д-р Марјан Ѓуровски, денеска се обрати пред магистрантите и докторантите на Факултетот за безбедност-Скопје. Со тоа беше означен почетокот на новата академска 2020/2021 година на студиите по втор и трет циклус, соопштија од Универзитетот.

Ѓуровски информира дека Универзитетот „Св.Климент Охридски“ подготвил посебна стратегија за реализација на наставата во услови на пандемија, преку еден хибриден модел на пристап и во најголемиот дел онлајн работење на прв, втор и трет циклус на студии.

„Конечно поради пандемијата, уверен сум дека многумина ќе размислат за значењето на високото образование и насушната потребата од некои професии во државата – доктор, информатичар, но и припадник на полицијата, армијата, разузнавачката заедница и др. Меѓу другото, пандемијата покажа дека по медицинските и информатичките науки, науката за безбедност и управување со кризи се иднината на светот, а вие сте направиле вистински чекор, затоа што технологијата го движи светот, но безбедноста го чува светот и државата од нови ризици и закани, а со тоа и човековото живеење и секојдневно битисување“, нагласи Ѓуровски.

Ѓуровски додаде дека високото образование треба да биде меѓу првите три високи приоритети во јавните политики, кај ресорното Министерство за образование и наука.

На свечениот прв академски час на втор и трет циклус на студии на Факултетот за безбедност-Скопје говореше и Деканот на Факултетот за безбедност-Скопје проф.д-р Никола Дујовски.

Свеченоста се реализираше на отворено со целосна примена на протоколите за заштита.

Слични содржини