Генералното собрание на Обединетите нации, кое брои 193 члена, во петокот го назначи сегашниот генерален секретар на Светската организација, Антонио Гутереш, за втор петгодишен мандат.
Се додава дека вториот мандат на Гутереш ќе започне на 1 јануари 2022 година, пренесува Фена, повикувајќи се на Ројтерс.
На 8 јуни Советот за безбедност на ООН го поддржа Гутереш за втор мандат на функцијата, препорачувајќи Генералното собрание на ООН да го назначи за уште пет години.
Медиумите јавуваат дека Гутереш добил едногласна поддршка во Генералното собрание на ООН и дека му бил даден втор мандат во време на длабоко поделен свет поради различни конфликти, растечкото влијание на климатските промени, како и сегашната пандемија на коронавирусот.
Амбасадорите на земјите-членки со силен аплауз го поздравија соопштението на претседателот на Генералното собрание на ООН, Волкан Бозкир, дека Гутереш е реизбран со „акламација“, односно без гласање.
Според Повелбата на ООН, Генералното собрание на ООН избира Генерален секретар по препорака на Советот за безбедност на ООН.
Веднаш по неговиот реизбор, Гутереш положи заклетва и им се обрати на членовите на ООН велејќи дека „ќе стори сé за да се надминат сегашните геостратешки поделби и нефункционалните односи на моќ“.