Генералниот секретар на ООН, Антонио Гутереш, смета дека руските вакцини за ковид 19 можат да играат многу важна улога во борбата против пандемијата и се надева дека наскоро ќе бидат одобрени од Светската здравствена организација (СЗО).
– Единствениот услов што го имаат ООН во врска со вакцините е да можеме да ги користиме само доколку се одобрени од СЗО. Знам дека во овој момент има контакти меѓу руските власти и СЗО, се надевам дека преку нив ќе се дојде до одобрување или признавање за ефикасноста на руската вакцина – рече Гутереш во интервју за ТАС С , како што објави Танјуг.
Генералниот секретар на ООН исто така смета дека е важно имунизацијата да биде достапна за секого и насекаде.
– Руската вакцина може да биде корисна во многу мисии на ООН, во некои чувствителни делови на светот, каде ќе ни требаат вакцини за нашиот персонал и населението на кои им помагаме во мировните операции – додаде Гутереш.
Во септември 2020 година, рускиот претседател Владимир Путин за време на говорот на Генералното собрание на ООН изјави дека Русија е подготвена ООН бесплатно да ја испорача својата вакцина Спутник V, според агенцијата.