Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш изјави дека руската инвазија на Украина може да предизвика глобална криза со храна која би можела да трае со години.
Тој истакна дека војната ја влоши несигурноста во однос на храната во посиромашните земји поради големиот скок на цените, пренесува Би-Би-Си.
Некои земји би можеле да се соочат со долготраен глад доколку извозот од Украина не се врати на предвоените нивоа, додаде Гутереш.
Поради конфликтот беше прекинат извозот на кромид од Украина, која своевремено извезуваше и огромни количества масло за јадење, како и пченица и пченка.
Ова предизвика зголемување на цените на храната, кои во моментов се речиси 30 отсто повисоки од истиот период минатата година, според ОН.
Гутереш предупреди дека конфликтот во Украина, во комбинација со последиците од климатските промени и пандемијата, може да доведе десетици милиони луѓе на работ на глад.
„Има доволно храна во нашиот свет ако дејствуваме заедно. Но, ако не го решиме овој проблем денес, ќе се соочиме со недостиг на храна на глобално ниво во наредните месеци“, рече Гутереш.
Тој предупреди дека единственото ефикасно решение за кризата е враќањето на украинското производство на храна, како и ѓубривата произведени од Русија и Белорусија, на светскиот пазар.
Додаде дека е во интензивни контакти со Русија и Украина, како и со САД и ЕУ, во обид да го врати извозот на храна на нормално ниво.
„Комплексните безбедносни, економски и финансиски импликации бараат добра волја од сите страни“, рече Гутереш.