Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш вели дека е разочаран од самитот на Групата 20 најразвиени светски економии што се одржа во Рим, но вели дека неговата надеж се уште не е скршена.
„Го напуштам Рим со неостварена надеж, но барем таа не е погребана“, напиша Гутереш на Твитер, пренесе Ројтерс.
Во последната заедничка изјава од самитот во неделата, лидерите на Г20 повикаа на значајни и ефикасни акции со цел да се ограничи глобалното затоплување, односно да се спречи зголемувањето на температурата на Земјата за повеќе од 1,5 Целзиусови степени.
Сепак, освен ветувањата, малку земји се обврзаа на нешто конкретно, пренесува Гласот на Америка.
Резултатот од неколкудневните тешки преговори е таков што останува уште многу да се договори на климатската конференција на ОН во Глазгов, каде многумина патуваат директно од Рим.