Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш денеска изрази жалење за „парализата“ на светската организација во услови на војната меѓу Израел и палестинскиот Хамас во Појасот Газа и што Советот за безбедност не гласаше за прекин на огнот.
Говорејќи на Форумот во Доха во Катар, Гутереш изјавил дека Советот за безбедност на ОН е „парализиран од геостратешките поделби“ кои ја загрозуваат неговата способност да најде решение за војната.
„Авторитетот и кредибилитетот на Советот за безбедност се сериозно компромитирани поради доцниот одговор на конфликтот, штетата направена врз нејзиниот углед со ветото на Соединетите држави на резолуцијата со која се бара прекин на огнот во Газа“, рекол Гутереш.
Нацрт-резолуцијата беше подготвена откако генералниот секретар се повика на член 99 од Повелбата на ОН, за прв пат откако тој беше на чело на светската организација, што му овозможува да го привлече вниманието на Советот за безбедност на прашање кое „може да го загрози одржувањето на меѓународната мир и безбедност“.
„Го повторив повикот да се прогласи хуманитарен прекин на огнот, за жал Советот за безбедност не успеа да го стори тоа. Можам да ви ветам дека нема да се откажам“, кажал Гутереш.
Американците, сојузници на Израел, во петокот го повторија своето противење на прекинот на огнот.
„Сериозно ризикуваме со колапс на хуманитарниот систем. Ситуацијата брзо се развива во катастрофа со потенцијално неповратни последици за Палестинците како целина и за мирот и безбедноста во регионот“, предупредил Гутереш на Форумот во Доха.
Според Министерството за здравство во Појасот Газа, со кој владее исламскиот екстремистички Хамас, бројот на загинати Палестинци надминал 17.700. Повеќето од овие жртви се жени и деца.
Во невидените напади на израелско тло, кои ја предизвикаа војната на 7 октомври, според израелските власти загинаа над 1.200 луѓе, главно цивили, а беа земени околу 240 заложници.