Гувернерот на Белгород тврди дека украинска „диверзантска група“ ја преминала границата

од Radmila Tasevska
321 прегледи

Гувернерот на рускиот регион Белгород, Вјачеслав Гладков денеска изјави дека „диверзантска група“ на украинската армија навлегла на територија на Русија во округот Гаиворон.

Гладков на Телеграм објави дека руската армија и безбедносните сили преземаат мерки за одбивање на нападот.

На социјалните мрежи претходно беше објавена снимка од украински тенк како напаѓа руска караула. Но, сè уште не е потврдена автентичноста на видео-снимката.

Украинската воена разузнавачка служба објави дека вооружената операција во рускиот регион Белгород ја спроведуваат „опозициски настроени руски граѓани“ од две паравоени групи. Портпаролот на военото разузнавање Андриј Јусов истакна дека Руската легија на слободата и Рускиот волонтерски корпус се одговорни за упадот.

– Мислам дека сите можеме да ги поздравиме одлучните акции на опозициски настроените руски граѓани, кои се подготвени за вооружена борба против криминалниот режим на (претседателот) Владимир Путин, истакна Јусов.

Тој додаде дека операцијата во Белгород ќе создаде „безбедносна зона“ за заштита на Украинците од прекугранични напади на Русија.

Слични содржини