Менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола изјави дека на крајот на сезоната ќе одлучи дали португалскиот фудбалер Жоао Кансело ќе се врати во англискиот клуб, пренесуваат британските медиуми.
Кансело е член на Манчестер Сити, а моментално е на позајмица во Барселона до крајот на сезоната.
„Се уште не сме разговарале за иднината на Кансело во нашиот клуб. Ќе разговараме на крајот на сезоната“, изјави Гвардиола.
Кансело (29) е член на Манчестер Сити од 2019 година. Тој има договор со англискиот клуб до 30 јуни 2027 година.
Вториот дел од минатата сезона Португалецот го мина на позајмица во Баерн, а потоа Манчестер Сити го испрати овој фудбалер на едногодишна позајмица во Барселона.
Кансело оваа сезона одигра 36 натпревари за Каталонците и постигна четири гола.