Шведскиот малопродажбен синџир на облека Hennes & Mauritz (H&M) е под истрага за наводна дискриминација на купувачи врз основа на етничка припадност во Шведска, соопшти владина агенција.
Луѓето со различна етничка припадност, освен шведска, требало да покажат сметка кога ги менуваат работите, тврди шведскиот народен правобранител.
Таканаречената регулаторна истрага беше покрената по написот во Стокхолмскиот дневен весник „Афтонбладет“.
„Афтонбладет“ неодамна објави снимки од клиенти од различна етничка припадност кои биле одбиени во обид да ги заменат алиштата што сè уште имале свои ознаки со цени. Некои од купувачите имале скриени камери.
Дневниот весник интервјуираше околу 60 клиенти и вработени во H&M.
„Информациите што се појавија во медиумите известуваат дека клиентите биле третирани полошо од другите поради нивната етничка припадност, па затоа народниот правобранител побара од компанијата да даде коментар“, рече Лар Арениус, кој е на чело на владината агенција.
Народниот правобранител се обрати до H&M и очекува одговори до 22 декември во врска со нивната политика за размена на облека и нивната позиција во врска со дискриминацијата.
H&M потврди дека Народниот правобранител ги контактирал, но не коментирале понатаму.