Русија не само што е комотна да применува сурова сила, туку тоа го прави повеќе од дистанца. За разлика од Западниот модел на оперирање кој е оптеретен со чувствителноста на она што оперативно се нарекува „заштитата на силите“, заради политичките импликации дома, Рускиот модел на дејствување го нема тој багаж, вели во интервју за „Локално“ професорот Методи Хаџи-Јанев, кој предава на воената академија Генерал Михаило Апостолски во Скопје, со кој поразговаравме за текот на војната во Украина, која влезе во петти месец.
Тој во својата анализа смета дека испораката на оружје за Украинците од западните земји „не е доволно за да се мери со она што го има Русија и тоа што Русија може да го испорача“.
-Дополнително, како и многупати досега иако не секогаш, западните лидери имаат една фалинка која лично сметам дека ќе мора да ја поправат или надминат ако сакаат да се справат со она што тргнало да ги менува. Повторно, ова не е карактеристика за сите, ама во најголем дел од случаите, западните лидери (кои до скоро немаа доминантен политички предизвик) сакаат брзи резултати, вели Хаџи-Јанев.
Во однос на тоа дали можеби „економскиот дел“ може да го натера рускиот претседател Путин да ретерира, со оглед на вртоглавото зголемување на цените за живот и зголемувањето на сиромаштијата, Хаџи-Јанев смета „е опасно да се водите од западниот модел на економски проценки“.
– Економските санкции ја потресуваат Русија. Тоа е факт. Прашањето е дали тоа има сериозен ефект до мера која ќе влијае на политичката одлука за прекин на војувањето, смета тој.
Војната во Украина влегува во петтиот месец. Иако се очекуваше да трае пократко, барем од руската страна, таа се развлече на подолг период. Како ја оценувате моменталната состојба во војната?
-Фрикцијата на војната е параметар кој секогаш па дури и во ситуации кога се смета дека нештата се јасни и однапред предодредени мора да се земе во предвид. Од друга страна, жилавоста на народот да го брани тоа што е негово историски се докажала како клучен фактор во опстојувањето против надворешни инвазии. Притоа, тука мора да разграничиме две работи. Офанзивата на Киев, и онаа која сега се случува на истокот во Украина се две различни работи. Во првиот случај нема поддршка од локалното население, додека во вториот случај, таа поддршка за Русија е евидентна.
Руската армија се чини стартуваше со цел да го заземе Киев и да го промени украинското раководство, но како што се засилуваше отпорот, своите сили ги насочи кон Донбас и Луганск и кон пристанишните градови. Како ги гледате работите сега и каде тие се движат? Ќе ги остварат ли овие цели Путин и неговата армија?
-За разлика од првичната цел, како што посочив и претходно за Русија втората цел стана примарна. Овде за разлика од претходно две работи ѝ одат во прилог на Русија. Прво оперативно-тактичка предност, Русија може полесно да врши смена на единиците на фронтот, да ја остварува борбено-сервисната поддршка и да го промени доктринарниот пристап во остварување на воените цели во Украина. Второ, морално, Русија е во предност бидејќи добар дел од боиштето е терен каде подолг период се изведуваат операции со различен интензитет и во кои има про-руско население кое се бори за отцепување од Украина. Овие воени цели треба да го отворат патот кон политичките амбиции за присоединување на овие делови со Руската федерација.
Може ли украинската армија, од она што го следите на терен, да продолжи да ги одвраќа руските сили? Дали помошта од западните земји во однос на финансии и оружје ќе одигра клучна улога тука?
-Засега тоа оди тешко. Русија не само што е комотна да применува сурова сила, туку тоа го прави повеќе од дистанца. За разлика од Западниот модел на оперирање кој е оптеретен со чувствителноста на она што оперативно се нарекува „заштитата на силите“, заради политичките импликации дома, Рускиот модел на дејствување го нема тој багаж. Поинаку кажано, Русија нема кочница во поглед на стравувањето за тоа дали операциите ќе предизвикаат инхибиција на политичката волја на домашното население со што би можело да има негативна импликација по политичките одлуки за продолжување на операциите. Ако западните политичари се обременети со опозиција, со избори и со кампања за решавање на домашните проблеми, Русија тоа барем засега лесно го пребродува или не го ни чувствува. Овие два предуслова значат многу.
Русите сега наместо ешелонски пенетрации применуваат опкружување со свирепа артилериска поддршка и ограничен и претпазлив маневар. Додека Западните аналитичари акцентот го ставаат на заштита на силите „Виетнамски синдром“, кој својата кулминација ја имаше во интервенцијата на Косово, а подоцна и во Авганистан и Ирак, Русија го нема тој багаж. Во тој контекст тоа што секојдневниот граѓанин го збунува кај нас е што информациите за војувањето доаѓаат од западни аналитичари кои на војувањето се навикнаа да гледаат низ генерално Американскиот воден принцип на „експедициско војување-интервенционистички операции“. Овој принцип го гледа инструментот на моќ употреба на сила како еден од инструментите (заедно со економијата и дипломатијата), а не како водечки и апсолутен. Во таа насока, употребата на сила во западните операции често иако не ексклузивно, знае да биде на сметка на оперативниот успех. Знам дека либералниот стомак нема да може да го сфати ова, но за жал тоа е така.
Западните аналитичари да скратам, поаѓаат од фактот во кој операциите може да претрпат промена ако се оцени дека загубите ќе бидат големи. Тоа може да влијае на политичката одлука за давање согласност дали да се продолжи со операциите и како. Пак ќе нагласам имало и допрва ќе има исклучоци од ова и во западно-водените операции, но Русија има поинаков пристап. За разлика од западната воена мудрост која се оформи преку „интервенционистичките“ операции како дел од т.н. „режим чејнџинг“ рамка, Русија настапува поинаку. Таа е заинтересирана за географија и работи на анексија. Во нивната концепција не постои „нејшн билиднг“- градење на нации или демократизација. Тие имаат свој начин на кој се воспоставува лојалноста.
Земете ја Чеченија на пример. Од смртен непријател, сега имате водство кое е посурово за руските цели од самите Руси. Русија во таа насока доктринарно не се фокусира на заштита на силите туку на задржување на капацитетот да дејствува со сила. Во Украина, Русија ја учи неопходноста од зачувување на силата на потешкиот начин – за сметка на непростливата борбена маса која ја жртвува. Разумно прашање е дали западните влади се подготвиле себеси, а уште помалку нивните граѓани, за конфликт кој може да резултира со илјадници смртни случаи и многу повеќе жртви за само неколку недели, како што тоа историски Русија го прави.
Имаше голем фокус на фактот дека понапредното оружје испорачано од Запад може да им даде голема предност на украинските сили. Дали веќе сте виделе некои примери како тоа е случај? Дали е реално да се очекува дека новото оружје може да им овозможи на Украинците да зададат посилен удар на Русите, па и да ги „истераат“ од својата земја?
-Секако. Сепак, тоа не е доволно за да се мери со она што го има Русија и тоа што Русија може да го испорача. Дополнително, како и многупати досега иако не секогаш, западните лидери имаат една фалинка која лично сметам дека ќе мора да ја поправат или надминат ако сакаат да се справат со она што тргнало да ги менува. Повторно, ова не е карактеристика за сите, ама во најголем дел од случаите, западните лидери (кои до скоро немаа доминантен политички предизвик) сакаат брзи резултати. Земете го Авганистан и Ирак, на пример. Ако на Германија и Јапонија со културен предзнак поблизок до западната култура им требаше речиси педесет години, и тоа во услови на изолација и дозволена суровост надвор од очите на јавноста (значи ги немаше социјалните медиуми и мас комуникации) да станат тоа што се денес под водство на САД секако, денес европските партнери, немаат стомак за долги ангажмани, или допрва се привикнуваат на таа реалност. Тоа се случува и со средствата кои се користат за да се оствари целта.
Конкретно на Вашето прашање би рекол претпоставката е наивна ако сметате дека со самата испорака на средствата ќе го решите проблемот. Каде е времето за градење на капацитетите и стекнување вештина како да го користете тоа средство. Уште повеќе и да знаете како да го користете има еден сегмент кој никој не го споменува, а тоа некои го нарекуваат „оперативниот шум“. Или со други зборови искуството во пракса. Како и на каков начин ќе можете да го користите средството во склад со временските услови, борбениот стрес и да не зборуваме дали средствата се без ограничување или пак се само варијанти на она што е претставено како најдобро средство. Следно, внимавајте административните и бирократски бариери, многу тешко ги операционализираат политичките ветувања. Факт е дека под притисок на САД Европјаните станаа далеку поефективни, но факт е дека бирократијата ја тепа ЕУ сé уште во поглед на нејзината ефективност.
Се известува за растечката фрустрација кај рускиот претседател поради лошите перформанси на руските сили во Украина. Според британското Министерство за одбрана, неодамна тој отпуштил или сменил неколку теренски команданти. Се менуваат често и тактики на теренот, па што ви кажува тоа за способноста на Русија на бојното поле, барем за оваа нивна „специјална воена операција“?
-Да, тоа се податоци кои се лиферуваат и на отворените канали како извори за ситуацијата на терен. Тоа само по себе ја потврдува тезата за тоа дека примарната цел на Русија пропадна. Сега тие се фокусирани на Истокот каде работите се драстично различни, особено заради локалната поддршка. Но, тука е и времето како фактор. Прво, како атмосферска појава-теренот е значително попогоден за маневар-земјата е по сува. Второ, како одминува времето, од апстракција преминувате во реалност. Од теорија во пракса. Борбениот стрес исто така го прави своето и го изострува искуството на терен. Тоа, историски било така. Русија историски имала лоши почетоци. Или како што се вели (иако историски му се припишува на Бизмарк) Русите тешко ги оседлуваат коњите но потоа е тешко да се запрат. Фактот дека Русите ги реконструираат единиците од свежи трупи и остатоци од единици десеткувани во борба е суровата реалност на долготрајна борба со висок интензитет-онаква каква е во Украина. Такви во поновата историја за среќа на сите нас имаше малку или ако воопшто ги имаше.
Историски во Втората светска војна кога се судруваат две армии губитоците се големи. Од друга страна, оваа војна е повик за будење на либералната мудрост и заради еден друг податок. Концептот за мобилизација кој го има и Русија и Украина во поголем дел од Западните армии е напуштен или во најдобра рака заборавен. Тоа впрочем во услови на апсолутен либерализам е и разбирливо. Па целиот систем на употреба на сила е сведен на водење експедициски операции, не на масовни конфликти кои траат. Но, мора да бидеме реални и да констатираме дека поддршката која Запад ја дава на Украина има свои ефекти. И тие се видливи и мерливи.
Според вас, може ли со сигурност да се каже дека токму она што го гледаме е борба за подобра позиција на преговарачката маса? Дали можеби „економскиот дел“ може да го натера Путин да ретерира, со оглед на вртоглавото зголемување на цените за живот и зголемувањето на сиромаштијата?
-Јас уште на почетокот во неколку наврати подвлеков дека е опасно да се водите од западниот модел на економски проценки. Тоа е заради неколку параметри а пред се заради тоа што не се зедоа во предвид повратните ефекти кои економските притисокци врз Русија ќе ги има. Само, да не се разбереме лошо. Економските санкции ја потресуваат Русија. Тоа е факт. Прашањето е дали тоа има сериозен ефект до мера која ќе влијае на политичката одлука за прекин на војувањето. Тоа е исто така еден од параметрите кои ги споменував во поглед на жилавоста во удопствата, а со тоа и очекувањата кај населението Руското наспроти „Западно-европското“. Засега по сé што гледаме би рекле не, или не до мера да ги притисне Русите. Допрва ќе видиме дали и кој бил во право.
Гледајќи кон летото, каде треба да се насочи вниманието и има ли некои навестувања кои ќе ни дадат до знаење колку долго ќе трае оваа војна? Што очекувате во наредната фаза?
-Па мислам дека на сите им е јасно дека ова може да трае долго. Таков е барем развојот на настаните. Двете страни засега се тврди во позициите, па оттука за очекување е дека операциите ќе траат. Но, ништо не треба да не изненади. Да се надеваме дека ќе преовладува разумот и дека човештвото сепак ќе се спаси од потенцијална егзистенцијална ескалација, што мора да биде императив.
В.З.