Во февруари 2015 година Зоран Заев, лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, а воедно и лидер на најголемата опозициска партија, откри дека 20 илјади граѓани биле илегално прислушувани во период од повеќе години, почнувајќи од почетокот на 2011 година. Меѓу нив имаше и владини и опозициски претставници, академици, странски дипломати, граѓански асоцијации, новинари и други. Овие разговори открија корупција во владата, изборни нерегуларности, политички акти на одмазда, и прикривање на убиства кои се случиле во текот на 10 годишното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, пишува Хафингтон пост.

Неколку месеци по откривањето на скандалот со прислушувањата, во јули 2015 година, САД и Европската унија склучија договор заедно со лидерите на четирите најголеми партии, сите победници на изборите, да се избере специјален јавен обвинител за да ги истражи овие разговори. Договорот, познат како Пржино договор, исто така повикува на формирање на техничка влада со задача да подготви услови за слободни и фер избори.
Повеќе месеци беа потребни за политичките партии да постигнат договор според кој требаше да се назначи Специјален јавен обвинител, и после маратонски преговори, на 15-ти септември минатата година, во пет часот наутро, ЕУ олеснувачот Питер Ванхауте објави дека Катица Јанева, обвинител од Гевгелија, ќе биде назначена на оваа функција.
Ова специјално јавно обвинителство започна со работа во декември 2015 година, што резултираше со брза оставка на премиерот Никола Груевски во јануари оваа година.
На 12 април, македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов најави аболиција за 56 индивидуалци кои беа обвинети (или допрва треба да бидат обвинети) во најсериозните случаи од прислушуваните разговори за изборни измами, прикривање на убиства и корупција. Оваа колективна аболиција го вклучуваше и Никола Груевски (со пет аболиции), Гордана Јанкуловска, поранешен министер за внатрешни работи (со 13 аболиции) и Миле Јанакиевски, поранешниот министер за транспорт и врски (со 16 аболиции). Изгледа, претседателот Иванов бил под силен притисок од тимот на Груевски да ги потпише аболициите, што пак предизвика масовни протести насекаде низ државата.
Теоријата на „меѓународен заговор“ на претседателот Иванов, со поддршка од Русија
На прес-конференцијата која се одржа на 15 април, претседателот Иванов убедуваше дека развојот на случувањата во Македонија не се под „наш мандат“. Тој додаде:
„Оваа е нечија друга игра. Незаконски е да се стави под надгледување цело лидерство на земјата, новинари, медиуми, дипломати и потоа да се дадат овие фабрикувани материјали во рацете на само еден човек, на кој му се дава и силна поддршка да ги употреби. Овие последователни случувања недвосмислено покажаа дека некој друг е сериозно вклучен во креирање на оваа криза. Македонија не е ниту првата ниту пак последната земја во светот во која се прават вакви сценарија. Оваа криза е за нечиј друг интерес. Нашите цели и интереси се доведени во прашање. Постои некој кој се обидува да добие нешто преку злоупотреба на политичарите, политичките лидери и нивните поддржувачи“.
Политичарите во балканските земји, воопшто, се познати за манипулирање на јавноста со вакви сценарија на „теории на заговор“, најчесто убедувајќи дека сите проблеми се „увезени“ однадвор. Но таквите маневри на политичарите функционираат добро во регионот, каде етно- политиката и етно- национализмот се уште се доминантни сили во политичкиот пејзаж.
Играњето на картата на „меѓународен заговор“, заедно со се уште доминантната етно-политика во македонското мултиетничко и мултикултурно општество, е најдобар начин да се сврти вниманието од овој голем скандал во кој се опфатени неколку силни политички фигури. Рускиот министер за надворешни работи му понуди помош на претседателот Иванов за „обидите да се дестабилизира ситуација во Македонија“. Русија предупредува на „Украинско сценарио кое би можело да го дестабилизира целиот балкански полуостров“. Министерот Сергеј Лавров исто така ја засили својата изјава со тоа што рече дека протестите во Македонија се „оркестрирани однадвор“. Лавров смета дека поранешниот премиер Никола Груевски бил под притисок поради тоа што одбил да се приклучи на санкциите против Русија, но и поради неговата поддршка за изградба на гасоводот Јужен тек, проект кој веќе е откажан, а кој требаше да носи гас од Руската Федерација преку Црното море во Бугарија, преку Србија, Унгарија, Словенија па се до Австрија.
Изборите планирани за 5 јуни мора да се одложат
И американскиот Стејт департмент и ЕУ остро се спротивставија на одлуката на претседателот за аболиција, изјаснувајќи се дека претстојните избори во Македонија закажани за 5 јуни нема да бидат меѓународно признаени. Претседателот Иванов би требало да ја повлече аболицијата и да му дозволи на македонскиот правосуден систем да ја врши својата работа. Ова би испратило многу јасен сигнал дека Македонија планира да ги примени Поглавјата 23 и 24 од процесот за пристапување кон ЕУ, што значи пред се’ да обезбеди независно и непартиско судство, фер судски процеси и сигурност дека Владата и нејзините функционери одговараат пред законот. Неуспехот да се постигне ова би бил навистина штета за државата што досега направи многу да се реформира себеси од социјалистичкиот систем на поранешна Југославија.
Во последните девет години, Македонија постојано е меѓу најдобрите реформатори во светот
Според Светската банка и Меѓународната финансиска корпорација (IFC), Македонија е рангирана како петти најдобар реформатор во светот изминативе девет години. Forbes ја пласираше како 36-та најдобра земја во светот за водење бизнис. Вкупната даночна стапка е многу ниска, 7,4%. Корпоративниот данок на добивка и персоналниот данок на доход е 10%, меѓу најниските во Европа. Македонија исто така е члена на Мултилатералната Агенција за гаранции на инвестициите (MIGA). Земјата има ниска инфлација, од максимум 2% годишно изминативе 13 години. Добивките што се реинвестираат не се оданочуваат, а постојат договори за избегнување на двојното оданочување со многу европски земји. Нема даноци за бизнисите што се инсталирани во било која од 11-те технолошко – развојни индустриски зони што се отворени во земјата. Компаниите лоцирани во овие зони се ослободени и од царина и ДДВ на увезени репроматеријали и суровини, опрема и градежни материјали. Сите овие стимулации се во согласност со ЕУ регулативите. Даноците на недвижнини се од 0,1 до 0,2%, а ДДВ е 18% (5% на поедини ставки).
За да се задржи динамиката на економскиот развој и ЕУ интегративниот процес на Македонија, освен потребата претседателот Иванов да ја повлече одлуката за аболиција и јунските избори да се одложат додека не се создадат услови за фер, слободни и кредибилни избори, ЕУ и НАТО треба сериозно да ги ангажираат Грција и Македонија да го решат проблемот со името и да се одблокира патот на македонскиот влез во НАТО, блокиран од Грција на Самитот во Букурешт во 2008 година.
Потребни се нови политички ликови во Македонија, спремни да влезат во национален дијалог и со капацитет да ја закрепнат нацијата и да ја помрднат земјата напред.
Како што вели Љупчо Зиков, основач и директор на магазинот Капитал од Скопје:
“Демонстрантите се гневни граѓани од сите етнички групи. Тука има уметници, писатели, глумци, спортисти, академици… Не постојат услови за фер избори на 5 јуни. Претседателот мора да ја повлече аболицијата, граѓаните бараат негова оставка. Работата на Специјалното обвинителство практично е поништена и блокирана. Политичкиот договор што беше постигнат во септември минатата година и вклучуваше реформа на изборниот закон и реформи за слободни медиуми, исто така сега е суспендиран. Актуелната техничка влада нема капацитет да се справи со сериозните проблеми на корупцијата. Владејачката коалиција го загуби кредибилитетот, затоа што повеќето високи функционери се вмешани во коруптивниот скандал. Најголемата опозициска партија објави дека ќе ги бојкотира претстојните извори, а политичките партии што ги застапуваат Албанците велат дека во моменталнава атмосфера избори не може да се одржат за еден месец. Илјадници граѓани што протестираат секој ден изминативе две недели ќе ги бојкотираат изборите исто така. Мислам дека решение е да се формира широка владина коалиција која ќе вклучи независни професионалци што би можеле да ја извадат земјата од оваа криза и да ги спроведат реформите. Во претстојните месеци, Македонија треба силно да се посвети на реформите за да се креираат оптимални услови за организирање избори. Потребна ни е влада што е спремна да донесе тешки одлуки. Не гледам вакви луѓе во актуелнава влада“.
Времето на прикривање на политичката корупција, теориите на заговор што ги манипулираат широките народни маси и непотизмот изминува на Балканот. Зајакнуваат силите спремни да се борат против овој стар канцер и да ги поведат нациите кон владеење на правото како предуслов за просперитет. Македонската актуелна криза не е од оние “предизвикани од надвор“, туку е попрво заради мрежата на корумпирани високи политичари што се плашат дека може да одговараат пред законот. Со најновиот развој на настаните, ова се чини дека е токму така.
Текстот е преземен од Хафингтон пост. Оригиналниот текст може да го најдете на следниот линк.