Хајредини: Очекувано и логично е предупредувањето на Светска банка за стагфлација

од Nikola Popovski
272 прегледи

Предупредувањето на Светска банка дека Македонија може да влезе во зоната на стагфлација не ги изненадува економистите. Дел од нив се согласни дека со оглед на случувањата на економски план и енергетската криза, се поизвесно е дека не очекува низок или забавен економскиот раст проследен со високи стапки на инфлација. Дополнителен факт што оди во прилог на тоа според нив е предупредувањето што го даде Стопанската комора дека доколку Владата не обезбеди поефтина струја за стопанството ќе дојде до затворање на многу други индустриски капацитети и отпуштање на вработените.

Ваквото предупредување треба сериозно да се сфати бидејќи рецесијата според последниве економски случувања е се поизвесна, вели за Локално, поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини посочувајќи ги сите негативни последици, особено по гаснењето на печките во комбинатот Еуроникел.

Како што знаеме Еуроникел е втор најголем извозник во земјава. Македонија е мала земја и има мала индустрија. Ако еден капацитет како Фени престане да работи, ќе имаме значителен пад на индустриското производство. Ќе се намали трговскиот дефицит и  ќе останеме без еден од главните извори на девизи. Тоа ќе се одрази на трговскиот биланс на државата, а ќе дојде и до последици врз платниот биланс“, вели Хајредини.

Џевдет Хајредини

Крајно негативниот став тој го поткрепува со лошата состојба на енергетските капацитети во земјата и со неизвесноста за брзо стабилизирање на енергетската криза .

Се доведовме во ситуација, Македонија од сите земји во регионот да биде најмногу погодена од недостиг на енергија и храна. Дури ни со молење не можеме да обезбедиме електрична енергија од Бугарија. Дури Бугарија и да даде струја по пониска цена, ЕУ тоа нема да го дозволи.Бугарија ќе се правда дека не дозволуваат правилата на ЕУ, дека членките не дозволуваат извоз по пониски цени…Се оди кон тоа дека Македонија може да помине најлошо бидејки и недостига потребното количество електрична енергија од домашните капацитети кои се веќе застарени“, коментира Хајредини.

Низата на драматични економски последици предизвикани од војната во Украина, според Хајредини нема да се реши со уште еден ребаланс бидејќи како што вели тој тоа нема да донесе нови пари во буџетот туку тие само ќе се префрлат од едно на друго место. Како единствено решение во оваа насока, сугерира суштински  интервенции во структурата на расходите наместо создавање на се поголеми финасиски дупки и раст  на долговите.

Според наведеното во есенскиот извештај на Светска Банка, зголемената политичка неизвесност, собранискиот ќор-сокак и кризата со храна и енергија може да доведе до одложување на спроведувањето на реформите потребни за поттикнување на економскиот раст а намалената домашна и надворешна побарувачка, високите трошоци и недостигот на ликвидност може да доведе до дополнителни отпуштања и зголемување на сиромаштијата.Во однос на широката државна помош која се дава преку буџетски трансфери, субвенции и даночни ослободувања, во извештајпт се препорачува нејзино ревидирање и пренасочување кон долгорочна потрошувачка за поддршка на економскиот раст.

К.В.С

Слични содржини