Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски минатата недела на митинг вети, доколку дојде на власт, формализиран пристап во трговијата со криптовалутите и Blockhain-технологијата.
Според него,тоа ќе овозможи над половина милијарда евра да завршат во буџетот.
„Токму овој проект на ВМРО- ДПМНЕ ќе донесе развој на Македонија, овој проект ќе биде за добросостојбата за граѓаните и за државата“, истакна Мицкоски, додавајќи дека моментно пазарот на криптовалути има вредност од 2,5 трилиона долари, што е многу повеќе од капитализацијата на најголемите светски банки, инвестициски фондови и големи фирми.
Економскиот аналитичар Арбен Халили за „Локално“ вели дека треба да се биде внимателен во вложувањето на криптовалути, но и дека тоа е реалноста и дека не треба да се плашиме од воспостовавувањето на „дигитални тепари“.
– Тоа е исто како на некој да му кажеше пред 20 години да плаќа со кредитна картичка, секако дека со голема несигурност ќе гледа. Или пак пред 10 години дека сите плаќања ќе може да ги извршуваме преку телефон?! Денес е тоа реалност и скоро сите така функционираме. Сегментот на криптовалутите, се повеќе станува реалност и кај нас и од тоа нема зошто да се плашиме. Тоа што треба да се овозможи е цврста легална и финансиска регулатива, која што ќе овозможи конкретни чекори, односно ќе се регулира пазарот на капитал со дополнителни трасанкции како што се тие со криптовалути. Тоа што веќе е реалност во поголемите бизнис центри, за само неколку години ќе биде секојдневие и кај нас!, објаснува Халили.
Од Народната банка изјавија дека немаат надлежност да го регулираат создавањето, поседувањето или тргувањето со крипто-средствата од страна на домашните економски агенти.
Таа нема никаква надзорна улога во врска со крипто-средствата, независно дали станува збор за нивно стекнување преку процес на т.н. „рударење“или за вложување во нив, појаснуваат од Народната банка.
Оттаму велат и дека НБ тековно нема активности за издавање сопствена дигитална валута (дигитален денар). Но, како што објасни гувернерката Анита Ангеловска, Народната банка постојано го следи овој процес во светот, што значи дека не е исклучена можноста и Македонија да има свој дигитален денар.
В.З.