Хамас ги повика светските лидери, вклучително и Трамп, да ја запрат израелската војна во Газа

од Nikola Popovski
29 прегледи

Високиот функционер на Хамас Басем Наим денеска ги повика светските лидери, вклучително и новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, да ги преземат неопходните чекори за да се запре војната во Појасот Газа.

Наим посочи дека милитантната група е подготвена „веднаш“ да постигне прекин на огнот во Појасот Газа, посочувајќи дека Израел со месеци не презентирал „сериозни предлози“. Тој во интервју за Sky News рече дека последниот „добро дефиниран договор со посредство“ бил на 2 јули, но дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху избрал да не склучи примирје со палестинската група, одбивајќи трајно да стави крај на израелската окупација и присуството на израелски војници во палестинската енклава.

Зборувајќи за претстојната промена на администрацијата во САД, Наим рече дека Хамас го повикува „кој било претседател, вклучително и Доналд Трамп, да ги преземе неопходните чекори за итно прекинување на војната. Наим негираше дека нападот на Хамас врз Израел минатиот октомври предизвикал ескалација на насилството, велејќи дека овие тврдења „ја обвинуваат жртвата за злосторството на агресорот“.

Тој истакна дека една недела пред 7 октомври минатата година, стотици Палестинци беа убиени во близина на границата со Газа и дека луѓето гладуваат. „Тоа е чин на самоодбрана“, рече тој за нападите на 7 октомври.

Тој истакна дека е и член на Хамас и невин палестински цивил, нагласувајќи го неговото право да живее слободно и достоинствено, како и правото на самоодбрана, според Скај њуз. Наим рече дека не жали за нападот врз Израел минатата година.

„Дали верувате дека затвореникот кој чука на вратата или кој се обидува да излезе од затвор мора да се покае за својата волја? Ова е дел од нашето достоинство. Дел од нашето достоинство да се браниме. Да ги браниме нашите деца“, рече тој. Според израелските власти за време на нападите на Хамас врз Израел минатата година загинале најмалку 1.200 луѓе, а околу 250 биле заробени. Речиси 100 заложници остануваат во заробеништво во Газа една година по нападот.

Од октомври минатата година, во израелските напади врз Појасот Газа загинаа најмалку 43.736 луѓе, додека 103.370 Палестинци се ранети, соопшти Министерството за здравство на Газа.

Како што се додава, околу 10.000 луѓе се водат како исчезнати, а се верува дека под урнатините се уште се закопани голем број жртви.

Слични содржини