Хамас го разгледува предлогот за прекин на огнот

од Nikola Popovski
164 прегледи

Делегација на Хамас утре ќе биде во Каиро за да преговара за прекин на огнот во Газа, изјавил неименуван претставник за Ројтерс.

Тој додал дека делегацијата ќе разговара за предложениот прекин на огнот што го нудат посредниците и за одговорот на Израел.

Во саботата, високиот функционер на Хамас, Калил ал-Хаја порача дека групата го разгледува предлогот на Израел, но не дал повеќе детали.

Тој истакнал дека понудата за примирје на Израел е одговор на предлогот на Хамас испратен пред две недели.

„Гардијан“ наведува дека примирјето, доколку биде склучено, ќе биде претставено како „хуманитарен прекин на огнот“.

Хамас ќе ги ослободи заложниците во замена за неколкунеделен прекин на огнот и ослободување на палестинските затвореници во израелските затвори.

Разговорите се во застој за двете главни прашањ – барањата на Хамас израелските трупи да се повлечат од Газа и да го прекинат конфликтот и детали за бројот и имињата на палестинските затвореници во израелските затвори.

Со договорот ќе се овозможи ослободување на 33 израелски цивили во замена за неодреден број палестински затвореници, но договорот не вклучува ослободување на војници.

Некои извештаи сугерираат дека Израел покажал подготвеност да направи дополнителни отстапки во иднина, вклучително и повлекување на силите кои го преполовија појасот Газа и дозвола за жителите да се вратат на северот.

Според „Гардијан“, преговорите се интензивирани меѓу Израел и Египет, земјите меѓу кои беше договорено претходното примирје во Газа во ноември, додека Катар ги обвини двете страни за саботирање на договорот.

Слични содржини