Хамас во понеделникот го прифати новиот предлог од медијаторите за конфликтот во Појасот Газа, кој предвидува ослободување на десет живи израелски заложници во замена за 70-дневен прекин на огнот и делумно повлекување на израелската армија од палестинската територија. Оваа информација ја објавија агенциите АФП и Ројтерс, повикувајќи се на извори блиски до милитантната група.
Според изворите, предлогот е изработен под водство на американскиот претставник Стив Виткоф и покрај ослободувањето на десетте заложници што ги држи Хамас, предвидува и делумно повлекување на израелските сили од Газа, како и ослободување на голем број палестински затвореници.
Извори од Хамас потврдија за АФП и Ројтерс дека групата се согласува со овој предлог и дека го информирала медијаторите за својата одлука.
Од израелска страна сè уште нема официјален коментар по ова прашање. Меѓутоа, израелската армија ги повика жителите на јужниот дел од Појасот Газа да ги напуштат своите домови, подготвувајќи се за „невиден напад“ против терористичките организации во регионот. Наредбата за евакуација, објавена на арапски јазик, се однесува на поголемите градови како Рафа и Кан Јунис, како и на сите други населби во јужниот дел на Газа.
Жителите се повикани да се преселат во тесниот крајбрежен појас Ал-Маваси, долг 14 километри и широк само еден километар, кој е прогласен за хуманитарна зона.
И покрај наредбата за евакуација, милитантите продолжуваат да лансираат ракети од јужните области на Газа. Израелската војска соопшти дека е пријавено гранатирање од таму, додека во исто време во Кан Јунис, вториот по големина град во Појасот Газа, беа пријавени голем број жртви. Израелската армија го смета овој град за „опасна борбена зона“.
Болниците „Насер“ и „Ал-Амал“ во Кан Јунис се ослободени од наредбата за евакуација, соопшти израелската војска.