Хамилтон: Ралф ги ослободи другите, испрати позитивна порака

од Vladimir Zorba
64 прегледи

Пред неколку дена објавата на Ралф Шумахер кој објави дека е геј го обиколи светот. Реакциите беа многубројни и разновидни, а Шумахер, меѓу другото, беше обвинет дека е лицемер.

За темата се огласи и Луис Хамилтон.

„Мислам дека реакциите досега беа позитивни. Мислам дека тоа е поради времето во кое живееме и промените низ кои поминуваме“, изјави Хамилтон.

Сепак, не може, а да не нè врати во 2021 година, кога Хамилтон на ГН на Саудиска Арабија носеше знак со виножито на кацигата како знак на поддршка за ЛГБТ заедницата, која речиси нема никакви права во оваа земја.

Шумахер беше тој што го коментираше неговиот потег во тоа време.

„Вредностите за кои тој се залага се важни и тој може да ги претставува на социјалните мрежи. Вистинското прашање е зошто тоа го прави секогаш на патеката, во униформа на Мерцедес. Тоа може да биде сериозен проблем и ако возачите скокаат во такви приказни без многу размислување, може да биде опасно. Спортот не го заслужува тоа“, изјави тогаш Шумахер.

Токму оваа изјава наведе голем број луѓе да го сметаат признанието на Шумахер дека е геј лицемерно.

„Ралф тогаш рече дека мојата идеја не е добра. Сега можеби се предомислил. Тој го направи чекорот да испрати позитивна порака и да ги ослободи другите да го сторат истото. Ни требаат повеќе луѓе за да го направиме тоа“, вели Хамилтон.

На прашањето дали Формула 1 е спорт во кој луѓето можат да бидат свои, Хамилтон вели:

„Мислам дека спортот има уште долг пат да помине. Едно е да се каже дека спортот е инклузивен, а друго е всушност луѓето да се чувствуваат удобно во нивната околина. Ова е спорт во кој доминираат мажи и тој е првиот што го познавам кој јавно проговори за тоа. Ние сме инклузивни во нашиот тим, но мислам дека спортот треба да продолжи да прави многу повеќе за сите да се чувствуваат удобно, да ги натера жените да се чувствуваат добредојдени во нашиот свет бидејќи знам дека не секогаш биле третирани добро“, рече Хамилтон и додаде:

„Не можам да понудам решение бидејќи немам, но знам дека најмногу се сведува на разговор со клучни луѓе. Би можеле да направиме некоја анонимна анкета, да ги прашаме луѓето како се чувствуваат, да прашаме што мислат, што може да се направи. Има многу работи, но пред се треба да разговараме наместо да ги игнорираме проблемите или да ги туркаме на дното на листата на приоритети“.

Слични содржини