Хамнеи: Труењето на иранските ученички е непростливо злосторство

од Stefanija Kuzmanovska
181 прегледи

Врховниот водач на Иран, ајатолахот Али Хамнеи денеска изјави дека труењето на иранските ученички во последните месеци е непростливо злосторство.

Тој додаде дека сторителите треба најстрого да се казнат.

„Властите треба сериозно да се занимаваат со прашањето за труење на ученичките. Ова е непростливо злосторство… сторителите на ова злосторство треба строго да бидат казнети“, рече Хамнеи, објавија иранските државни медиуми, а пренесе „Ројтерс“.

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси во неделата издаде наредба што поскоро да се решат случаите на труење на ученички ширум земјата, нагласувајќи дека новиот непријателски заговор е „нехумано злосторство“.

Говорејќи на состанокот на државниот самит, иранскиот претседател се осврна на извештајот на министерот за разузнавање и истражување за труењето на голем број ученички во различни ирански градови, пренесе ИРНА.

Случаите на масовно труење на ученички во училиштата во Иран од 30 ноември минатата година привлекуваат се поголемо внимание на јавноста.

Повеќе од илјада ученички се отруени во изминатите 100 дена во неколку ирански провинции. Последниот случај е забележан во градот Орумије, каде неколку стотици ученички биле отруени во интернат, пренесе ИРНА.

Според информациите, голем број ученички од вкупно 450, кои живеат во студентскиот дом, се затруле со гас, чија содржина се уште не е утврдена.

Слични содржини