Најмалку седум лица се убиени и неколку стотици уапсени за време на немирите што избувнаа во Јужна Африка по апсењето на поранешниот претседател Џејкоб Зума. Во обид да се потисне насилството, јужноафриканските власти ја распоредија армијата на улиците на градовите каде беа забележани најжестоките немири, но и покрај тоа, во текот на денот беа запалени продавници и станбени згради.
Меѓу жртвите е и шестмесечно бебе, кое беше погодено од заскитан куршум во главата и човек кој искрварил до смрт од убодни рани. Според локалните медиуми, на клиниките владее хаос, бидејќи демонстрантите постојано се обидуваат да влезат во собите каде се повредени.
Во бранот насилство што следеше по апсењето на поранешниот претседател, демонстрантите ограбуваат продавници, запалиле згради и напаѓале минувачи.
Во текот на неделата на насилство, полицијата не успеа да содржи протести, кои во повеќето случаи завршуваа со грабеж и уништување на имотот. Јужноафриканските медиуми јавуваат дека раскрсниците се блокирани и дека на тие места горат камиони.
Поранешниот претседател на Јужноафриканската Република, 79-годишниот Џејкоб Зума, се предаде на полицијата минатата недела и ќе одлежи 15-месечна затворска казна за непочитување на судот.
Зума исто така се соочува со посебна тужба за договор за оружје во вредност од 2 милијарди долари од 1999 година, кога тој беше заменик претседател.