Хаос во молдавскиот парламент поради промена на државниот јазик во романски (ВИДЕО)

од Nikola Popovski

Опозицијата во молдавскиот парламент го блокираше зборот, протестирајќи поради намерата да се смени името на државниот јазик од молдавски во романски, јавува дописникот на РИА Новости.

Пратениците се наредиле пред говорницата носејќи транспаренти со барања за одржување референдум за ова прашање, како и промена на власта и прекин на кршењето на уставот, пренесе РИА Новости.

Во еден момент дошло до хаос и тепачка кога владините претставници се обиделе да ги грабнат транспарентите од рацете на опозицијата.

Според претседателот на Собранието, Игор Гросу, предлогот за измена на Уставот со кој ќе се официјализира новото официјално име на јазикот на Молдавија е усвоен во прво читање со гласови на 56 пратеници.

Во Молдавија амандманите на Уставот мора да добијат двотретинско мнозинство во парламентот, што значи 67 од вкупно 101 пратеник.

Доколку, пак, претходно беа предложени од Уставниот суд, доволно е и просто парламентарно мнозинство. Уставниот суд предложи промена на името на јазикот уште во 2013 година.

Процедурата на гласање на собраниската седница се одвиваше со извиците „срам“ и „предвремени избори“ на дел од пратениците.

Иницијативата за промена на името на јазикот е поднесена од владејачката партија Акција и солидарност.

Според тој предлог, терминот „молдавски јазик“ во која било граматичка форма се заменува со терминот „романски јазик“.

Дополнително, зборовите „државен јазик“, „официјален јазик“ и „мајчин јазик“ се заменуваат со зборовите „романски“ доколку се однесуваат на државниот јазик на Молдавија.

Слични содржини