Харадинај ја откажа средбата со Вјоса Османи поради нејзино доцнење

од Radmila Tasevska
253 прегледи

Лидерот на партијата Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај денеска отиде кај претседателката на државата, Вјоса Османи на консултации за нацрт-статутот на Заедницата на општини со мнозинско српско население во Косово, предложен од западните дипломати, но замина без да ја реализира средбата, бидејќи Османи задоцнила, јави дописникот на МИА од Приштина.

Портпаролот на опозициската ААК, Куштрим Џемаили за медиумите изјави дека Османи не го испочитувала терминот што самата таа го одреди.

– Вчера имавме добра волја да разговараме со претседателката Османи за прашања од значење за државата, особено за нацрт-статутот на Здружението. Претседателот Рамуш Харадинај и генералниот секретар Мухарем Нитај беа во Претседателството во времето што го одреди претседателката Османи, но за жал претседателката не го испочитува терминот што самата го одреди и затоа средбата не се одржа, рече Џемаили.

Во врска со случајот, од кабинетот на Османи изјавија дека Харадинај не сакал да чека додека протоколот да ја извести претседателката за неговото пристигнување.

– Состанокот беше планиран да се одржи, но поради протоколарни причини не беше реализиран. Г. Харадинај не сакаше да чека додека протоколот ја извести претседателката за неговото пристигнување, изјави за медиумите Беким Купина, советник на Османи за односи со јавноста.

Тој додаде дека поканата на претседателката Османи до Харадинај останува отворена.

– И покрај тоа, претседателката Османи ја остави отворена можноста за средба во наредните денови, кога и првиот човек на ААК да смета дека треба да се разговара и да се адресираат прашања од национален интерес. Вратата на Претседателството останува отворена и во иднина, рече Купина.

Османи ги покани лидерите на трите опозициските парламентарни партии на Албанците во косовското Собрание, Демократската партија на Косово (ПДК), Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и ААК на Харадинај, на консултации во врска со нацртот на Заедницата на српски општини, предложен од западните медијаторите.

Досега на оваа тема таа оствари средба само со лидерот на ЛДК, Љумир Абдиџику.

Слични содржини