Харадинај: Курти е опасност за Косово

од desk4
458 прегледи

Лидерот на Алијансата за иднината на Косово, Рамуш Харадинај изјави дека е загрижен за ситуацијата на северот на земјата, пренесува Економи онлајн.

Тој по вонредната седница на Претседателството оцени дека ситуацијата е сериозна, додавајќи дека за тоа е одговорен самиот премиер Аљбин Курти, па затоа, според него, треба да ја напушти Владата бидејќи е опасност за државата.

Харадинај рече дека единствено решение за ова е гласање недоверба на владата на Курти, бидејќи тој отишол во крајности.

Според него, Курти наместо да соработува со САД, поттикнал конфликт на север кој им одговара на Србија и на Русија.

„Позицијата на Алијансата е да покрене иницијатива за гласање недоверба на премиерот Курти. Предлогот се заснова на два неодамнешни настани, првиот е заканата за суверенитетот и безбедноста на Северот, а вториот е распадот на односите со САД и ЕУ. Ќе започнеме разговори со политичкиот спектар и со општеството воопшто и верувам дека ова е предлог за решение на ситуацијата“, рече Харадинај.

„Она што ја направи оваа ситуација многу лоша е дрскоста на Курти да му се обрати на американскиот секретар преку медиумите и во име на Косово. Курти отиде во крајности со нашата безбедносна гаранција. Благодарни сме на косовската полиција и започнавме меѓусебна комуникација со пратеничките групи“, рече тој.

Слични содржини