Британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган ќе претседаваат со акцијата на организацијата Global Citizens за обезбедување рамномерна достава на вакцини во најсиромашните земји.
Војводата и војвотката од Сасекс ќе се појават на концертот „Vax Live: The Concert to Reunite the World“, кој ќе биде снимен во недела на стадионот Софи во Лос Анџелес, а ќе се емитува на американската телевизија „АБЦ“, „ЦБС“, „ФОКС“, на Јутјуб и радио станици на 8-ми мај.
Настанот го објави непрофитната организација Global Citizens, која работи на борба против сиромаштијата.
Директорот на организацијата, Хју Еванс, за „АП“ изјави дека до април, 60 земји во светот сè уште не примиле никаква вакцина против Ковид.
Американскиот претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис ќе се појават за време на преносот на концертот како дел од иницијативата „We Can do this“ за зголемување на довербата во вакцините против Ковид-19.
Во преносот на концертот, кој ќе го води Селена Гомез, ќе се појават и францускиот претседател Емануел Макрон и канадскиот премиер Џастин Трудо, а меѓу изведувачите ќе биде и Џенифер Лопез.
Хари и Меган водат кампања за собирање средства за програмата за дистрибуција на вакцини Ковакс, за испорака на вакцини во сиромашните земји.