Заменик министерот за одбрана Башким Хасани денеска учествуваше на панел дискусија „Влијанието на војната во Украина врз развојот на оружјето“ на Конференција за одбрана и сајбер безбедност на Југоисточна Европа која денес и утре се одржува во Софија, Република Бугарија.
Во рамки на дискусијата Хасани рече дека руска инвазија покрај тоа што суштински го промени поредокот во поглед на геополитичкото, безбедносно, економско и хуманитарно ниво, има големи импликации за безбедносниот поредок во регионот на Југоисточна Европа.
„Се соочуваме со сајбер, хибридни и други асиметрични закани, кои вклучуваат и кампањи за дезинформации. Сајбер одбраната е критичен дел од развојот на било која земја. Ефикасни сајбер капацитети се од суштинско значење за напредок и развој на регионот на Југоисточна Европа и затоа НАТО и земјите од регионот на ЈИЕ потребно е да продолжат да се прилагодуваат и да ја подобрат својата сајбер одбрана“, кажа Хасани.
Во тој контекст Хасани додаде Владата посветува особено внимание на развој на капацитети за сајбер одбрана чија примарна цел е заштита на националните интереси.
„Стратегија за сајбер одбрана беше развиена во 2020 година, а во моментов во соработка со USAID, DCAF и DAI и со поддршка од ЕУ и НАТО и партнери од земјите од ЈИЕ се работи на новата Стратегија во која ќе бидат имплементирани научените лекции. Министерството за одбрана и Воената академија градат капацитети за образование и обука – Национален институт за сајбер безбедност и дигитална форензика, чија цел е да ги едуцира и обучи идните лидери за сајбер безбедност, дигитална форензика и приватност во академските институции, владата, јавната администрација, и индустријата“, потенцира Хасани.
Хасани на панелот додаде дека актуелните предизвици бараат заеднички пристап и координација за да се испрати јасна порака за заштита на демократските вредности и меѓународниот поредок.