Хаџи Јанев: НАТО мора одлучно да ја брани поставената црвена линија и да ѝ помогне на Украина да извојува победа

од Nikola Popovski
731 прегледи

Мора да бидеме искрени и да кажеме дека НАТО преку земјите членки, не директно како организација и до сега даде сериозна помош во Украина. Таа помош беше пресудна во неколку наврати, најрвин беа тоа Бајрактар беспилотните летала, па Џевелините, па Химрас системите и сл. кои правеа пресврти во однос на инцијативата на теренот, вели професорот по безбедност, Методи Хаџи Јанев за „Локално“ во однос на последниот развој на настаните во руско-украинскиот конфликт и најавата за испорака на тешко вооружување за потребите на украинската војска.

Според него, тоа се одрази на борбениот ритам и на динамиката со која Украина ја бранеше територијата.

-Русија која не е за потценување успеваше да се адаптриа и она што сега го гледаме е примена на стратегија на масовно разорување и тотална девастација на критичната инфраструктура, која има за цел да ги неутрализира критичните побарувања, и способности на украинската одбрана. Покрај останатото, и да го натера населението да создаде отпор. За волја на вистината засега тие само ја зајакнуваат решеноста на наеселнието за отпор, дали тоа ќе остане така ќе треба да видиме. Она што е актуелно се тенковите и потребата од нив. Додека многумина, па дури и одредено експерти кај нас, вклучително и поранешни министри за одбрана сметаа дека тенковите се минато, сега гледаме дека не е така. НАТО е тој кој смета дека тенковите ќе дадат сериозна ударна моќ и капацитет за маневар на украинските сили на отпорот за оттурнување на руската агресија, ни објаснува Хаџи Јанев.

Тој сепак смета дека тоа може да биде меч со две острици ако не се синхронизира како што треба на терен.

-Тоа е од причина што логистички може да создаде кошмар, не само во снабдување со муниција, туку и со одржувањето. Ритамот кој сега е присутен на терен, најверојатнмо ќе се зголеми што ќе го зголеми и темпото на дејствата што може да биде проблем ако нема доволно средства за одржување на овие ресурси. Дополнителне проблем е бројката. За да Украина може да се спротистави на Русија ѝ се потребни голем број на тенкови. Бројката која од прилика се проценува дека може да ги задоволи иницијалните потреби засега не е произведена. Со други зборови, на добавувачите од наменската индустрија од ЕУ име потребно време, или во перспектива најрано што може да се испорачаат е 2024 година. Следен проблем е водството на Германија. Шолц не е убеден дека Германија треба да дозволи испорака на Леопарди. Тоа заради регулативите и меѓународните механизми ги спречува и оние армии кои имаат вакви тенкови, но и воља да ги испорачаат да не може да ги испорачаат. Така да сето тоа ја комплицира ситуацијата на терен, што уште еднаш покажува слабости на либералното водство кои мора да се надминат преку поголема флексибилност, и прагматичност. Дали и тоа ќе се случи исто така ќе треба да видиме, анализира професорот.

За актуелната ситуација на терен, Хаџи Јанев вели дека Русија е сила сама по себе, додека Украина со помош на НАТО и ЕУ земјите членки има сериозен капацитет и арсенал, но и волја кај населението и вооружените сили да ја одбрани територијата.

-Во секој случај ситуацијата е крајно тензична и во иднина ќе бидеме сведоци на масовни разорни операциии во кои ќе има голема, не само воено материјална туку и цивилна штета, но за жал и жртви на двете страни, укажува соговорникот.

Професорот ги прокоментира и заедничките воени вежби на Белорусија и Русија.

-Опасноста од тоа не е од сега. Сепак, наративот во високите руски кругови станува поостар и со тоа растат можностите од поголема ескалација. Последното е особено во контекст на доставата на оружје конкренто тенкови за кое Москва смета дека тоа ќе и даде за право да цели на секоја пратка било каде и да се наоѓа – значи надвор од територијата на Украина. Тука е и воздржаноста на Шолц, бидејќи тој смета дека ескалација помеѓу Русија и НАТО нема да му користи никому. Сепак, постојат и такви ставови според кои со Москва не може да се преговара и не може да и се верува. Затоа е потребно да се еродира целата моќ на Москва да продолжи да проектира моќ со која се заканува на соседите и на целиот регион, но и на Европа. Според овие видувања, НАТО мора одлучно да ја брани поставената црвена линија и да и помогне на Украина да извојува победа, посочува Хаџи Јанев.

Н.П.

Слични содржини